| четврток, 6 декември 2018 |

Узунов не сака да го идентификуваат со раководството на СДСМ

uzunov

Професорот Ванчо Узунов не сака да се појавува на настани и трибини во име на СДСМ. Иако беше најавен како дел од заедничка работилница за образованието што викендов се одржа во Маврово во организација на британската организација „Вилтон Парк“ во партнерство со британската амбасада во Скопје, тој не се појавил. На работилницата присуствувале министерот за образование Абдулаќим Адеми, неговиот заменик Спиро Ристоски, потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, министерот за здравство Никола Тодоров, портпаролот на ДПА Љуан Треси… Од СДСМ како дел од разговорите бил најавен и потпретседателот на партијата, Ванчо Узунов, но неговото столче останало празно. Извори од опозицијата коментираат дека Узунов дал објаснување за неговото отсуство – не сакал повеќе да го идентификуваат со ова раководство на СДСМ. 

Вчера „Дневник“ објави дека Узунов, подолго време не учествува во работата на Социјалдемократскиот сојуз. Најблискиот соработник на Зоран Заев од областа на економијата бил незадоволен од новиот концепт на СДСМ и од начинот на кој раководството ја води партијата. Според пишувањата на „Дневник“, тој веќе најавил дека сака да поднесе оставка од функцијата.

Узунов воопшто не го поддржал концептот одење од врата на врата, кој е дел од новата платформа на СДСМ.

Последен пат во јавноста членот на Извршниот одбор на СДСМ се појави на прес-конференција во врска со задолженоста на земјата, и тоа на 15 октомври. Според тоа што се коментира, Узунов не ги поддржува ниту комисиите што треба да се пандан на владините министерства, а забележливо е дека не учествува во нивната работа. Узунов, кој на функцијата беше назначен по доаѓањето на Заев на лидерското место, вчера ниту потврди ниту демантира дека сака да се повлече од потпретседателското место. На барање на Дневник тој одговорил со СМС, во која нагласил дека за тоа нема намера да дебатира јавно.
– И да е и да не е точно, немам никаква намера да ги дебатирам во медиуми – кусо одговорил Узунов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top