| четврток, 6 декември 2018 |

Усвоени законските измени за зголемување на минималната плата

собра

Измените на Законот за минимална плата со кои од јануари 2015 година се предвидува зголемување на минималната плата денеска беа донесени на 24. собраниска седница.

Со измените се предлага минималната плата од јануари да изнесува 9.590 денари, а во трудоинтензивните дејности 8.050 денари.

Исто така се менува и начинот на санкционирање на компаниите кои нема да исплатат минимална плата, односно Трудовиот инспекторат доколку утврди дека некој работодавач не ја исплатил минималната плата, ќе го задолжи со решение во рок од седум дена да ја исплати. Ако тоа не го стори, инспекторатот има обврска да изрече прекршок со глоба од 8.000 до 9.000 евра, а доколку компанијата повторно го стори прекршокот во рок од една година ќе и биде изречена забрана за работа во рок од 15 дена, а работодавачот ќе треба да ја исплати минималната плата и да плати глоба од 9.000 до 10.000 евра.

Во претпладневниот дел беше донесен и Законот за ратификација на Република Македонија во Програмата на Унијата Фискалис 2020 чија основна цел е да се подобри соодветното функционирање на даночните системи на земјите во Европската унија и да се зајакне борбата против даночната измама преку заедничка работа.

Донесени беа и измените на Законот за водите, на Законот за социјална заштита, на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и измените на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и простории на Република Македонија.

Со 65 гласа „за“ беа донесени и измените на Законот за јавни набавки, кои според пратениците од парламентарното мнозинство се суштински и со нив ќе се промени начинот на делување на комисиите за јавни набавки, ќе се зголеми транспарентноста и борбата против корупцијата. Предложените измени, сметаат пратениците, се во интерес на субјектите и ќе придонесат за конкурентноста на пазарот.

Во рамки на 24. седница беа донесени и Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура, Дополнетиот предлог на закон за вршење работи за застапување во царинските постапки, како и законот за затворање на сметките кои се преземени во Управата за јавни приходи од поранешната Агенција за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет чии иматели се субјекти кои по организирана форма не се трговски друштва или трговци поединци.

Собранието продолжува со работа по останатите точки од дневниот ред по редовната едночасовна пауза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top