| четврток, 6 декември 2018 |

Заклетва на волонтерите на Мировниот корпус од САД

132398528

Четириесет и четири нови волонтери од 19-та група на Мировниот корпус, откако ја завршија 11 неделната обука во Велес, Лозово и Свети Николе и во Доброште, денеска дадоа сечена заклетва во Скопје во присуство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и амбасадорот на САД Пол Волерс.

Новите волонтери од Мировниот корпус ќе ја почнат својата двегодишна служба во 33 заедници во Република Македонија. Дваесет и пет од нив ќе работат во средни и основни училишта во рамки на програмата за унапредување на наставата по англиски јазик, додека останатите 19 ќе бидат назначени да им помагаат на невладини организации и организации на локалната самоуправа во рамки на програмата за развој на заедниците.

Мировниот корпус, истакна во обраќањето претседателот Иванов, прерасна во мост на пријателство меѓу Република Макеоднија и САД.

– Од сите вредности кон кои се стреми човекот, најпосакуван и воедно најтешко остварлив е мирот. Од мирот зависи економијата, развојот, планирањето на нашата иднина и иднината на нашите деца. Но, мирот не е униформен, ниту ултимативен. Мирот се гради преку дијалог, почитување и прифаќање на различноста, рече претседателот Иванов.

Тој потсети дека го има одликувано Мировниот корупус со престижно признание Орден за заслуги за Македонија.

За амбасадорот Волерс волонтерите од Мировниот корпус се уште еден пример на зајакнато партнерство помеѓу американскиот и македонскиот народ.

– Кога ќе завршат со службата во Македонија, тие ќе се вратат во Америка со желба да го споделат искуството од Македонија и да им помогнат на своите сонародници подобро да ја разберат оваа земја, рече Волерс, потсетувајќи оти досега речиси 500 волонтери биле на служба во Македонија од почетокот на оваа програма во 1996 година.

Директорот на Мировниот корпус во Македонија, Кетлин Кори прецизираше дека првата цел на волонтерите е да им се помогне на луѓето од заинтересираните земји преку размена на знаења и искуства, потоа да им се помогне на луѓето да имаат подобро разбирање за американскиот народ и да им се помогне на Американците да стекнат подобро разбирање за луѓето од различни земји во светот.

– Волонтерите влегуваат во служба во Мировниот корпус како граѓани на САД, но излегуваат од неа како граѓани на светот, рече Кори.

Со своите активности, волонтерите на Мировниот корпус, основан 1961 година од претседателот Џон Ф.кенеди, ги промовираат мирот и меѓусебното разбирање на  луѓето од различни култури и со различно потекло.

ја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top