Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, незадоволен од реакциите на властите на Србија поради ослободувањето на лидерот на српските радикали Воислав Шешељ, го откажа своето учество на претстојниот состанок на премиери на земјите од Централна и од Источна Европа со Кина, пишува загрепскиот весник „Јутарњи лист“.
Весникот, повикувајќи се на неофицијални извори, истакна дека место Милановиќ во Белград ќе допатува министерот за поморство, сообраќај и инфраструктура, Синиша Хајдаш Дончиќ, „чијшто престој во Србија нема да има никаков политички призвук“.
– Милановиќ во блиска иднина нема да се состане со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави за весникот анонимен висок претставник на хрватската Влада.
Тоа значи, додава „Јутарњи лист“ дека Милановиќ посредно ја отфрла идејата на претставикот на Србите во Хрватска, Милорад Пуповац, кој гоставувајќи во телевизиска емисија предложи средба на Милановиќ и на Вучиќ, на која двајцата лидери се обиделе да ги намалат сегашните меѓудржавни тензии.
Хрватските власти сметаат дека Вучиќ и српските лидери не реагирале соодветно на Шешељ и сè додека не го сторат тоа, средбата на високо ниво не би имала преголемо значење, додава весникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.