
Министерот за здравство Никола Тодоров од денеска престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, каде што ќе има средби со повеќе експерти од здравствениот сектор.
Во рамки на посетата на Тодоров, соопшти Министерството за здравство, ќе биде организиран мини-форум на кој ќе присуствуваат раководствата и претставници на повеќе реномирани здравствени институции од САД, меѓу кои: Асоцијацијата за медицински туризам, болницата „Џон Хопкинс“, Американската академија за пластична хирургијa, како и од Националниот институт за дијабетес и дигестивни и бубрежни болести.
На мини-форумот, министерот Тодоров ќе одржи презентација за промоција на концептот за основање слободни здравствени зони, во насока на развој на здравствениот туризам, како и привлекување странски капитал за воведување нови методи, зголемување на конкурентноста, како и зголемување на квалитетот на високообразовната понуда од областа на медицината.
Во текот на посетата, Тодоров ќе одржи повеќе тет-а-тет средби со претставници на здравствени институции и потенцијални инвеститори, при што ќе се сретне и со раководството на Националниот здравствен институт, кој претставува главна агенција за медицински истражувања на федералната влада. Националниот здравствен институт го сочинуваат вкупно 27 центри, со персонал од над 300.000 истражувачи од над 3.000 универзитети, медицински школи и други истражувачки установи во САД и светот – се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


