Бојко Борисов како опозиционер вети крај на блокадата на Македонија во ЕУ. Сега се врати на големата бугарска политичка сцена и доби шанса да го потврди кажаното во октомври 2013 година. По 18 месеци во опозиција, ГЕРБ повторно го зазеде приматот, но не дојде на голема врата, туку во една специфична, широка и многу „климава“ коалиција.
Македонија, пак, очекува да продолжи позитивниот тренд кој Борисов го почна во минатиот мандат. Тогаш, десноцентристичката софиска влада наметна нови релации меѓу Скопје и Софија. Сепак, првичната констатација е дека сега ќе има далеку поврзани раце, диктирани од широката коалиција. Во таква ситуација, вообичаено е да не се бранува многу-многу и да се внимава на секој чекор кој би можел да предизвика незадоволство кај Бугарите. Македонските познавачи на состојбите со драстично спротивставени ставови околу позитивноста на враќањето на Борисов.
Лазаров: Борисов ни е наклонет и неговото враќање е позитивно за РМ
Лично, мислам дека тој добро ја почна работата и штета е што тоа се прекина, констатира професорот по меѓународно право, Лазар Лазаров. Смета дека тој ни е наклонет и е добро што повторно дојде на власт.
ЛАЗАРОВ: Добро е да продолжи соработката и да се случуваат позитивни работи. Тоа е како прикаската со комшијата, кој често ви е поважен од вашиот роден брат. Се надевам дека односите ќе се развиваат и политички, но и економски, што ќе значи и за Балканот каде што се потребни такви потези. Но, сепак, не треба да се чепкаат некои работи. Јас го критикував и претседателот ан МАНУ, Владо Камбовски – ние не можеме да го славиме Илинден со нив. Има други работи во кои можеме да соработуваме, но меѓу нив не е Крушевската Република. Поинаку, со тоа само ќе се иритира јавноста.
Во однос на Договорот за добрососедство, Лазаров смета дека со Борисов ќе може да се направи чекор напред, иако тоа ќе зависи од моментот – колку тој ќе може да опстои на бугарската политичка сцена.
Тој нема мнозинство и владата му е „крпеница“, но тоа е веќе нивно внатрепартиско прашање, вели, професорот по меѓународно право, но оценува дека и Бугарија сфаќа оти не може постојано да прави избори поради што очекува период на стабилизација на нивната политичка сцена.
Никовски: Нема простор за промени во бугарската политика кон Македонија
Поранешниот амбасадор и државен секретар во МНР, Ристо Никовски, не го споделува оптимизмот на Лазаров. Тој вели дека во Бугарија, исто како и во Грција, постои национален консензус во врска со Македонија. И за едните и за другите – нема Македонци, како ни македонски јазик, култура, историја, традиција, посочува Никовски.
НИКОВСКИ: За првите, сето тоа е – бугарско. За вторите, ништо од тоа не е, ниту може да биде, македонско. Така, во овие две соседни земји, кој и да е на власт, политиката кон Македонија останува зацементирана, каква што била и досега, и никој не се осудува да менува нешто. Новата влада на Борисов е компликувана коалиција која многу тешко ќе функционира. Прашање е и колку ќе издржи. Најверојатно, не многу долго.
Во такви ситуации, речиси непишано правило е да не се бранува многу. Инаку, веднаш се доведуваат во прашање темелите на лабавата структура. Борисов, сосема извесно, ќе го почитува таквото политичко искуство. Затоа, нема простор да се очекуваат какви било промени во бугарската политика кон Македонија.
Неговите “добронамерни“ изјави на крајот од претходниот мандат не значат ништо, вели Никовски, кој својата процена ја темели на нашето искуство со практиката на поранешните политичари, кои по завршувањето на мандатот, наеднаш, стануваат благонаклонети кон Македонија.
НИКОВСКИ: Тоа е резултат на нечистата совест која се обидуваат да ја измијат. Нешто слично направи и Борисов минатиот пат. Не треба да има никакви дилеми дека и новата бугарска влада ќе продолжи со непристојниот притисок да прифатиме нереципрочен договор за пријателство и соработка, кој би имал несогледливи, катастрофални последици за државата. Таквата политика директно ќе се рефлектира и на нивниот став во однос на нашата интеграција во ЕУ (и НАТО). Овој пат, можеби, пософистицирано ќе тактизираат и ќе се обидуваат да ѝ препуштат на Атина повеќе да се експонира во попречувањето на Македонија на патот кон Брисел, а не тие, ама резултатот за нас ќе биде – ист. Блокада, зад која се кријат две земји.
И ОМО Илинден–Пирин не очекува ништо ново од Борисов
И Македонците од Бугарија не очекуваат никаква промена во бугарската политика кон нив.
– Тоа е една константна политика на негирање на постоењето на македонското малцинство и нема никакви знаци дека тоа ќе се промени, вклучително што во Владата влегува и партијата на Каракачанов – вели претседателот Стојко Стојков.
Потврда за превртливоста на 55-годишниот премиер, кој го има и чинот генерал-потполковник во Бугарија, е изјавата дадена во јануари 2013 година, малку пред посетата на Македонија.
– Утре некои политичари во Македонија можат да речат дека и бугарскиот претседател е Македонец. Тука треба да има сериозна потреба од ново читање на историјата – како во времето на Георги Димитров над 300.000 луѓе насила биле правени Македонци во Бугарија – изјави тогаш Борисов.
Инаку, бугарскиот шеф на државата, Росен Плевнелиев, и ден-денес тврди дека неговиот татко во 1948 година бил насила натеран да се декларира како Македонец?! Како и да е, топката е кај Борисов. Останува да видиме дали ќе остане на кажаното или повторно ќе доживее некоја чудесна трансформација во ставовите.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 115. број на неделникот „Република“, 14.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.