Папата Франциск предупредил дека планетата Земја нема да прости за злоупотребата на нејзините ресурси заради профит и ги предупреди светските лидери да ја зауздаат алчноста и да им помогнат на гладните.
– Бог секогаш простува, но земјата – не – рекол папата пред Втората меѓународна конференција за храна во Рим.
– Грижете се за земјата така што таа нема да реагира со уништување – предупреди поглаварот на Римокатоличката црква пред претставниците од 190 држави кои се собраа за конференцијата, организирана од Агенцијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) и Светската здравствена организација (СЗО ).
77-годишниот папа, кој е тврд бранител на сиромашните и угнетените, изјави дека светот обрнувал многу малку внимание на гладните. Додека бројот на недоволно нахранети луѓе е намален за над 50 % во последните две децении, во 2014 година околу 805 милиони луѓе сѐ уште страдаат.
– Исто така, болно е да видиме дека борбата против гладот и недохранетоста е спречена од пазарни приоритети, првенството на добивката, која ја претвара храната во стока како и секоја друга, предмет на шпекулации, претежно на финансиски шпекулации – рекол папата Франциск.
– Гладот останува во аголот на улицата … и инсистира на здрава исхрана. Ние инсистираме за достоинство, не за милостина – додал тој.
И покрај тоа што тој ја поздравил работата на ФАО и на СЗО во врска со усвојувањето на „Римската декларација за живот“ и „Рамката за акција“, папата ги повикал луѓето кои ги создаваат правилата и технички мерки, да не заборават на гладниот човек кој се бори за опстанок.
– Нахранете ги гладните, спасете го животот на планетата – повикал папата Франциск на крајот од својот говор, кој бил пречекана со аплауз на нозе.
Две милијарди луѓе страдаат од недостаток на хранливи материи како витамин А, железо и цинк, состојба позната како „неоправдан глад“, а 42 милиони деца и 500 милиони возрасни се со прекумерна тежина или дебели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.