Владата им даде рок од два дена на надлежните институции да утврдат дали бил злоупотребен извозот на рускиот пазар. Домашниот бизнис – сектор нема сознанија дека некоја компанија се обидела да го изигра руското ембарго за ЕУ. Сепак, доколку се потврдат сомнежите на Москва за реекспорт, властите во земјава најавуваат и кривични пријави…
Владата даде конкретни насоки, а надлежните државни институции имаат рок од само два дена да одговорат дали некоја домашна компанија правела реекспорт на европски стоки преку Македонија за Русија.
-Ќе биде вклучено МВР, Царинската управа, земјоделскиот инспекторат , и Агенцијата за храна и ветеринарство, рече Беким Незири, министер за економија.
Тамошната Роселхонадзор се сомнева, но македонските бизнис асоцијации уверуваат дека немаат такви сознанија. Испораките течат и нема промена во структурата на извозот.
-Нема промени. Континуирано се извезуваат праски, јаболки, компир, зелка и други продукти, кои реално се произвердуваат во Република Македонија. Имаме зголемување во однос на количината, а со тоа и на сумата на извозот и сметаме дека тоа е нормално, рече Дејан Бешлиев, директор на „Македонско-руска стопанска комора“.
Рускиот пазар е навистина голем, но и сложен за работа, вели Бешлиев и затоа Македонија се насочи кон соработка со одредени руски региони каде реално можеме да ги пласираме нашите производи. Предност имаат македонското овошје и зеленчук, но тој потенцијал досега не го користевме доволно. Македонија е во групата од 25 земји кои имаат преференцијален статус во трговијата со руската федерација. Подолго време бараме да се промени листата на производи, да влезе виното, а да се исфрли кожата која порано доминираше во извозот, но тоа оди бавно и потребно е усогласување и со другите членки на царинската унија Казахстан и Белорусија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.