Неприфатливо, неразумно и надвор од основниот принцип за почитување на меѓународното право, ја оцени министерот за надворешни работи на Република Македонија неодамнешната изјава на грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос за позицијата на Грција за „ерга омнес“ и по последната рунда разговори за името.
– На ваков тип на аргументи и многу одлучувачи-луѓе во земјите членки на НАТО и на ЕУ не можат да останат индиферентни и сметам дека ова нема многу позитивен одек на многу места и надвор од Македонија, каде што едноставно може да го квалификуваме како неприфатливо, неразумно и надвор од основниот принцип за почитување на меѓународното право, нагласи Попоски по денешната научно-стручна тркалезна маса „Евро-атлантските предизвици на Република Македонија:проблеми,политичка реалност, идни решенија и можности по самитот на НАТо во Велика Британија 2014“.
Според него, од една страна тоа е демонстрација на сила од една земја која е внатре во клубот дека би можела да постапи односно да изнесе ставови кои се и надвор од меѓународното право, а од друга страна, смета, е сериозен хендикеп за водство на земја која верува дека е лулка на демократијата да поставува стандарди од аспект на некој друг да решава за Уставот на соседна земја, а не граѓаните по демократски процес за тоа какво ќе биде уредувањето и како ќе се вика земјата.
Во однос на делот од изјавата каде Венизелос смета дека Македонија има многу поголеми проблеми отколку името како што се меѓуетничките прашања, владеење на правото, односот со Бугарија…, на барање на новинарите Попоски дециден дека тоа е одраз на една ситуација во која Грција јасно на ниво на политичко водство има други приоритети, сака да го избегне односно да не се занимава со прашањето за името и најдобар начин за тоа е барање аргументи на други места.
– Ниту еден од тие аргументи не е релевантен бидејќи во однос на НАТО во 2008 година Алијансата има констатирано дека ги исполнуваме сите критериуми, освен наметнатиот спор за името, што не е критериум стандарден поставен од НАТО, а за патот кон ЕУ во 2009 година и веќе 6 години последователно, вклучително и оваа година, ЕК констатира дека ги имаме исполнето сите критериуми за почеток на преговорите. Наједноставната дефиниција на ваквиот пристап е фрлање магла и избегнување на одговорноста за немањето желба да се надмине наметнатиот спор, појасни шефот на македонската дипломатија Попоски.
Тој уште еднаш повтори дека позициите на Република Македонија се јасни и отворени и, како што подвлече, сакаме да имаме интензивен дијалог кој ќе води кон решение, но политичката реалност во Атина во овој момент не е нешто што само ние го констатираме. Тоа, истакна, не треба да биде причина ние да не продолжиме на патот за отстранување на таа пречка бидејќи објективно блокадата и носи негативни последици на Македонија и тоа, рече, Грција многу добро и многу свесно го прави.
– Од друга страна, мислам дека сите овие аргументи и изговори кои се нафрлаат наједноставно се фрлање на магла и засенување на главниот проблем, а тоа е немањето желба во моментот и мотивација да се посветат на ова прашање во рамки на еден процес кој ќе води сметка за меѓународното право, рече Попоски.
Прашан дали откако е министер за надворешни работи има дадено прдлог за решавање на спорот за името, тој одговори оти мисли дека се дава погрешна дефиниција на самиот спор.
– Се работи за прашање за кое имаме непринципиелно барање и за кое инсистираме на решение во рамки на тоа што е дефинирано во меѓународното право. Не е Македонија таа што треба да лицитира со предлози кои се надвор од меѓународното право, Македонија единствено што сака е да го надмине овој спор во рамки на резолуциите на ОН и Времената спогодба, а нивното почитување е главен предуслов, нешто што само едната страна не го исполнува во овој момент, рече шефот на македомската дипломатија.
На прашањето дали се уште постои иницијатива од германската канцеларка Ангела Меркел за решавање на прашањето за името, министерот за надворешни работи нагласи дека не би можел да говори во името на други земји членки на НАТО и на ЕУ, но, како што рече, неоспорен е фактот дека практично сите останати земји-членки на Алијансата оценуваат дека блокадата кон Република Македонија за спорот и објективно немањето интерес за сериозен ангажман за надминување на ова прашање е проблем и за самата Алијанса односно нешто што не придонесува за остварување на целта – обединет, стабилен и перспективен Балкан.
Според Срѓан Керим, поранешен претседател на генералното Собрание на ОН и министер за надворешни работи, процесот на дипломатска активност на Република Македонија треба паралелно да тече и кон земјите членки на НАТО и на ЕУ и кон Грција за надминување на прашањето за името.
– Што се однесува до НАТО и ЕУ, пред се треба да се инсистира на ангажман на САД, на Германија и на Франција. Германија и самата се понуди преку изјавата на канцеларката Меркел, која рече дека и лично е заинтересирана да се реши тој проблем. Мислам дека сите наши активности треба да ги насочиме кон ставање на знаење дека и тие се одговорни за ова што се случува затоа што тоа се заклучоци на НАТО и на ЕУ, а се врзани конкретно за пречката што и е поставена на РМ. Според тоа, за да се симнат тие заклучоци, не е доволно само Македонија и Грција да се договорат, туку треба држави како Америка, Германија и Франција и други повлијателни земји членки на овие две институции да влијаат врз грчката страна да се разговара и да се дојде до решение. Ако нема подготвеност како ќе се дојде до решение?, појасни Керим.
На барање на новинарите да ја коментира изјавата на министерот за надворешни работи на Северен Кипер Ездил Нами дека Македонија не треба многу да се надева на решавање на името во рамки на ОН, Керим посочи дека не е запознат со таа изјава, но смета дека тоа можеби е добронамерен совет, но не е добар и правилен затоа што Македонија не треба да излезе од тој процес бидејќи е поддржуван и од НАТО и од ЕУ.
– Ако излеземе од тој процес влегуваме во конфротација со НАТО и со ЕУ, а токму тоа го сака цело време Грција. Значи ние треба фудбалски речено да влеземе во офсајд, истакна Срѓан Керим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.