| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва на „Синедејс“ филмот „Мостовите на Сараево“

Филмот е во режија на 13 европски режисери, кои истражуваат приказни на темата Сараево - што претставува овој град во европската историја во текот на изминатите сто години и што Сараево претставува за Европа денес

film_mostovi_sarajeva1

Омнибусот создаден по повод стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, кој содржи 13 кратки филма, „Мостовите на Сараево“, е вечерва на програмата на фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ во скопското кино „Милениум“ (20 часот).

Филмот е во режија на 13 европски режисери, кои истражуваат приказни на темата Сараево – што претставува овој град во европската историја во текот на изминатите сто години и што Сараево претставува за Европа денес. Овие еминентни филмски уметници од различни генерации и потекло нудат исклучително уникатни стилови и визии. Познатиот белгиски стрип уметник, Франсоа Шуитен, замислил една анимирана врска помеѓу овие филмови, метафорично транспонирање во неговиот графички богат свет на симболичните мостови на Сараево.

Филмот досега беше дел од повеќе престижни филмски фестивали како Кан, Сараево, Рејкјавик.

Во 22.30 часот е филмот „Рио, те сакам“, кој е следниот во серијата филмови „Градови на љубовта“ (Париз, те сакам; Њујорк те сакам). „Рио, те сакам“ ќе биде антологија: колективен игран филм, составен од 11 динамични кратки филмови, создадени од 10 режисери – визионери од сите страни на светот.

Во киното „Фросина“, каде што се реализираат работилници за филмска камера, денеска на пладне се прикажува филмот „Торинскиот коњ“ (Тhe Тurin horse) на Бела Тар и Агнес Храницки. Влезот е бесплатен.

Во 19 часот  е „Шумите сѐ уште се зелени“ (The Woods are still green). Филмот на Марко Набершник е дел од овогодинешната официјална селекција.

„Синедејс“ ја продолжува традицијата да промовира филмови на младите перспективни македонски режисери. Во 21 часот ќе бидат прикажани македонските кратки филмови: „Празен ум“ – Антонио Аранѓеловиќ ‘5, „Бале“ – Никола Поповски ’24, „Жолтиот чадор за сонце“ – Ана Опачиќ ’21, „Враќање“ – Дина Дума ’28, „Шекспирова 9/1“ – Владимир Митревски ’19, „Аудиција“ – Лавинија Софрониевска ’12

Во 23 часот ќе се прикаже филмот „Стоун розес: Мејд оф стоун“на Шејн Медоус. Филмот му е посветен на легендарниот манчестерски бенд The Stone, кој во 2012 година се реоформи по 16 години.

Во Кинотека на Македонија во 20 часот вечерва е „Божјиот град“. Бразил годинава е земја во фокусот на Синедејс. Филмот „Божјиот град“ на големиот бразилски режисер Фернандо Мирелеш е еден од најрепрезентативните бразилски филмови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top