| четврток, 6 декември 2018 |

Совет: Како дo вработување во Шведска

Заводот за миграција на Шведска објави официјална листа од барани професии во таа развиена скандинавска земја, за во наредниот период да привлече квалитетен и образован кадар.

На листата професии за кои постои голема побарувачка во Шведска, а која е објавена на веб-страницата на Заводот за миграција, се наоѓаат, меѓу другите, професии како бејбиситерки, електроинженери, готвачи, лимари, медицински сестри, молери, пекари, слаткари, водоинсталатери и стоматолози.

Меѓу бараните професии има аптекари, геометри, градежни инженери и техничари, инструктори за возење, комерцијалисти, лекари, механичари за камиони, наставници за основни училишта, педагози за лица со посебни потреби, психолози, работници за градба на железница и патишта, рудари…

Во Шведска се бараат и професии како педагози за слободни активности, советници за професионално и студиско насочување и забни хигиеничари.

Листата на професии кои во моментот се најпобарувани од работодавците, а која се обновува два пати годишно, може да ја погледнете овде.

Доколку работодавецот во Шведска повика кандидат на разговор за работа за една од бараните професии, барањето за работна дозвола може да се поднесе од Шведска наместо кандидатот да се враќа во својата татковина.

Повеќе информации за бараните професии може да се најдат на веб-страницата на Заводот за миграции, „Migrationsverket”.

Систем за иселенички визи во Шведска не постои. Потребно е еден член на семејството да најде работа и тоа е доволен услов за таму да се пресели целото семејство.

За патување во Шведска е потребен само пасош, а останатите услови, како плата и работна дозвола, се договараат директно со работодавецот. Заинтересираните можат да најдат работа преку веб-сајтот  ec.europa.eu/eures каде што работодавците се обврзани да го огласуваат работното место.

Работа е можно да се најде и со помош на пријатели и роднини кои веќе работат во Шведска. Познавањето на јазикот не е задолжително за сите професии, посебно ако се работи за занает, но познавањето на англискиот јазик е предност.

За работните места за кои е потребна диплома, како доктор, потребни се познавање шведски јазик и нострификација на дипломата.

Според податоците на консултантската фирма „Ernst&Young“, просечната бруто- плата во Шведска е 32.769 евра годишно, односно 2.730 евра месечно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top