„Горила продукција“, матичната куќа на Тамара Тодевска, демантира каква било инволвираност на нивната ексклузивка со нерегуларностите во гласањето на „Скопски фестивал 2014“.
– Почитувани медиуми, фанови, колеги и соработници…Тамара Тодевска никогаш нити била и нема ни да биде дел од некакви валкани игри кои не се својствени на професијата со која се занимава. Тамара Тодевска ќе продолжи посветено да работи за својата верна публика и во оваа прилика се заблагодарува на цела македонска јавност за поддршката што и ја дава целиот изминат период до денес. Воедно ги замолуваме медиумите, да не користат имиња на кој било од наградените изведувачи, сѐ додека не се случи нивно обелоденување од страна на институциите кои ја вршат истрагата, зашто веруваме во нивната желба секогаш да бидат на страната на вистината и да се утврди за кого биле наменети истите СМС пораки.
Тамара, како и досега, ќе продолжи со својата максимална посветеност, да работи на својата музичка кариера, за која во последните години вие сте ѝ најголемата поддршка за подемот којшто го има. Тамара им се заблагодарува на сите свои фанови за гласовите кои ѝ ги доделија на „Скопскиот фестивал 2014“, со ветување, дека токму тие ќе бидат вреднувани во нејзините идни проекти.
Да не дозволиме, да бидеме на палубата на нечиј „Брод што тоне“, зашто македонската музика не го заслужила тоа. Особено не Тамара Тодевска, на која животот ѝ е музика, а музиката живот – нешто, кое вие пријателски го препознавате кај неа, а и таа кај вас – пишува во соопштението кое продукцијата го објвави во нивно и во името на Тамара.
Тамара Тодевска го освои второто место со песната „Брод што тоне“, комплетно авторско дело на Роберт Билбилов.
Таа имаше најголем број поени од странското жири, а беше трета според телефонските гласови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


