| четврток, 6 декември 2018 |

Стојан Стојков стана надворешен член на Бугарската академија на науките и уметностите

Македонскиот композитор, профeсор Стојан Стојков, на 7 ноември во Софија е инаугуриран во звање академик и стана надворешен член на бугарската Академија на науките и уметностите (БАНИ). Процедурата за прогласување на оваа највисока титула од областа на науките и уметностите траеше цела година, од предлогот кој дојде од Одделението за уметности при БАНИ, па сѐ до конечното гласање во Собранието на Република Бугарија.

Оваа инаугурација претставува големо признание не само за композиторот Стојан Стојков, туку и за македонската композиторска национална школа, како и продлабочување на традиционално добрите односи помеѓу Македонија и Бугарија во однос на музичката уметност.

Композиторот проф. Стојан Стојков, роден 1942 година, е еден од најрепрезентативните претставници на македонската национална композиторска школа. Со своето бројно творештво кое опфаќа музички форми од сите жанрови, Стојков претставува ретка севкупна личност која ја афирмира македонската музика не само во Македонија, туку и на сите континенти каде што се изведуваат неговите дела. Како истакнат композитор, музички педагог и општествен деец, Стојков е добитник на бројни награди меѓу кои и највисоката државна награда „11 Октомври“. Во неговите мандати како претседател на СОКОМ тој оствари значаен придонес во многу сфери на афирмирање на македонската музика, но и во создавање исклучително плодна мрежа на соработка помеѓу композиторите на балканските простори.

Неговите дела се препознатливи со својот автентичен лирски, неофолклористички јазик и стил во чија основа секогаш се препознава македонскиот традиционален музички идиом. Кон крајот на оваа година се очекува и премиерна изведба на неговата битова опера „Змеова невеста“ која ја подготвува Македонската опера и балет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top