| четврток, 6 декември 2018 |

Сириските соседи не примаат бегалци

Mideast-Iraq-Syrian-R_HoroДве меѓународни хуманитарни организации ги обвинија земјите соседи на Сирија дека ги „затвораат вратите“ за сириските бегалци. Ваквото обвинување уследи откако драстично е намален бројот на луѓето кои бегаат преку границите и наоѓаат прибежиште во земјите од сириското соседство.

Во текот на октомври оваа година, помалку од 18.000 Сиријци пребегале во некоја од соседните земји, што е значително помалку во споредба со 2013 година, кога месечно од Сирија бегаа по околу 150.000 луѓе.

Норвешкиот совет за бегалци и Меѓународниот комитет за бегалци во заеднички извештај објавен денеска ги обвинуваат сириските соседи за „целосно отсуство на солидарност“. Повеќе од три милиони лица побегнаа од Сирија од почетокот на вооружениот конфликт во пролета 2011 година, кога бунтовниците, потпомогнати и поддржувани од странство, почна граѓанска војна за соборување на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Либан, земја која има околу 4,5 милиони жители, на својата територија има најголем број од сириските бегалци, повеќе од 1,1 милиони. Според податоците на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) од октомври годинава во оваа малечка медитеранска земја има повеќе бегалци отколку во Турција, каде побегнаа околу еден милион Сиријци. Во Јордан има 619.000, во Ирак 215.000, додека во Египет околу 140.000 бегалци.

За разлика од земјите во соседството и во регионот, надвор од него има само 50.000 сириски бегалци или едвај два отсто од вкупниот број. Во САД се регистрирани само 166 лица, во Франција околу 500, а во Велика Британија „неколку стотини“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top