Медијаторот во спорот за името Метју Нимиц синоќа во Њујорк имал одвоени средби со претставниците на Македонија и на Грција, амбасадорите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис.
Според досегашната вообичаена пракса, Нимиц денеска во 16 часот по македонско време ќе има заедничка средба со двајцата дипломати, „за продолжување на разговорите во рамките на посредништвото на ОН со цел да се најде взаемно прифатливо решение за прашањето за името“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, во Грција не се објавуваат никакви информации за синоќешната средба на Василакис со Нимиц, а медиумите денеска покрај најавата, го пренесуваат текстот објавен на македонската интернет страница „Призма“.
„Призма“ го објавува последниот официјален предлог на Нимиц од 9 април 2013 година, според кој за името на нашата земја се предлага „Горна Република Македонија“ (Upper Republic of Macedonia), македонскиот јазик на англиски да се именува со сложенката „Macedonian/Makedonski“, а за државјанството медијаторот нуди паралелна употреба на две синтагми: „на Горна Република Македонија“ (of Upper Republic of Macedonia) и „Makedonsko/Macedonian“.
Содржината на документот се совпаѓа со информациите кои во тој период ги објавија македонските и грчките медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.