| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ: Посетата на Рама не ги оствари планираните цели

дациц

Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Србија не беше без значење, но не ги оствари планираните цели, изјави за РТС потпретседателот на српската Влада, Ивица Дачиќ.

Гостувајќи во Дневникот на РТС, потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, рече дека по посетата на албанскиот премиер Србија и Албанија не се повеќе оддалечени отколку што беа.

– Но, доколку се гледа зошто е таа посета воопшто организирана, а наиде на добар прием кај меѓународната заедница, таа не ја оствари својата цел – по повеќе децении застој да дојде до нормализија на нашите односи, да свртиме нова страница во нашата историја – рече Дачиќ.

Според него, тоа не се случи затоа што кај Еди Рама надвладеале внатрешните политички причини, така што цела серија негови пораки во текот на посетата не беа во согласност со најавените цели.

Според Дачиќ, затоа резултатите не се такви како што можеле да бидат, а единствениот добар факт е тој дека средбата воопшто се одржа и дека со неа се проби мразот во односите меѓу двете земји.

– Се надевам дека следните чекори ќе бидат многу поконструктивни. Секако дека има и добри страни – потпишавме некои договори, а Вучиќ изрази желба да ја посети Албанија, така што вратата не е затворена – рече Дачиќ.

Зборувајќи за ставот на Рама за Косово, Дачиќ изјави дека тоа не е првпат тој така да зборува, бидејќи и кога Дачиќ  беше српски премиер, Рама изразувал желба да дојде. – Меѓутоа, непосредно пред посетата да се реализира албанската Влада одржа билатерален состанок со Владата на Косово во Призрен и тогаш со Вучиќ се договоривме да ја одложиме – рече тој.

– Не ме изненадува таквото негово однесување, но пораките што следеа не се врзани само за Косово, туку се врзани и за југот на Србија, за статусот на малцинствата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top