На виолинистката Ванеса Меј и е забрането учество на ски трки во период од четири години, откако се покажало дека имало манипулации околу нејзините квалификации за Олимпијадата во Сочи.
Комисија на Меѓународната федерација во скијање, заклучила дека има манипулација во резултатите на натпреварот во Словенија, кога Меј настапувала за Тајланд. Токму таму, 36 годишната британска државјанка ја исполни нормата и доби квота за зимската Олимпијада.
Ванеса Меј е пријавена само неколку дена пред почетокот на Олимпијадата на натпреварите во јануари, кои беа организирани посебно по желба на нејзиниот тим преку Тајландскиот олимписки комитет.
Како резултат на одлуката резултатите на виолинистката во Сочи се избришани од протоколите. Меј, која се натпреваруваше со семејното презиме Ванакорн, заврши последна од 67 натпреварувачи кои стартувале во велеслалом, со 50 секунди заостанување зад победничката Тина Мазе.
-Истражувањето покажа дека резултатите од четирите трки за жени кои се одржаа на 18 и 19 јануари во Крвавец, се изманипулирани, се вели во одлуката на ФИС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.