
Со денешната координација во македонското собрание почна процесот кој го налага Уставот во врска со неоправданата отсутност на пратениците повеќе од шест месеци. Генералниот секретар на собранието е задолжен до следната координација да поднесе извештај за присутност и отсутност од работа, било оправдана или неоправдана, за сите 123 пратеници во парламентарниот состав. На координацијата освен двајцата потпретседатели присуствуваа и тројца координатори, на пратеничките групи на ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и на ДПА.
Како што и се очекуваше, поминаа шесте уставни месеци во кои на опозициските избраници имаа време за да се вратат во Парламентот. Иако пред претседателот на Собранието Трајко Вељаноски стоеше отворена опцијата да се продолжи и со седницата по оставките од опозицијата, таа седница не продолжи. Сепак, ова пребројувањето е редовна процедура на секои шест месеци.
Иако ставот на опозицијата е да опстои во бојкотот на парламентот, опозициски избраници за „Република“ очекуваат од раководството на СДСМ во рок од неколку дена да ја објават таканајавуваната „Бомба“ со која, како се надеваат од таму, би се постигнал посакуваниот ефект. Во спротивно, велат, ќе го свртат грбот на таа „политика која не носи резултат“.
Оставките во Собранието според нив биле форма на притисок за да отпочне дијалогот, онака како што и Собранието го испочитува и не ја продолжи седницата по нив. Сметаат дека воопшто не би било праведно, во случај стратегијата на Заев да задоцни, ним да им бидат одземени мандатите, а во собраниските клупи да седнат „вториот или третиот ешалон“- лица од избирачкиот список кои следуваат по нив.
Според Деловникот, извештајот од Генералниот секретар оди на разгледување на соодветната собраниска комисија, а потоа поединечно за секој пратеник за кој е констатирано отсуство, се изјаснува и парламентот, за да се донесе одлука со двотретинско мнозинство.
Доколку пратениците изгласаат одземање на мандат, Државната изборна комисија мандатот го нуди на следните од поднесената листа кандидати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


