| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се договорија за Брвеница, за Струга се преговара

Општинската организација на СДСМ од Брвеница определила свој кандидат за градоначалник со што пропаѓа иницијативата што начелно преку медиумите ја најавија двете најголеми партии на Македонците - да соработуваат и да изберат еден човек за кого би се гласало да ја води оваа тетовска општина, пишува „Нова Македонија“

40501337ВМРО ДПМНЕ и СДСМ на локално ниво преговараа и најавуваа дека можно е да изберат заеднички кандидати за градоначалници во Струга, Кичево, Брвеница и Долнени. Но барем за тетовската рурална општина Брвеница тоа “паѓа во вода” со одлуката на социјалдемократите да предложат свои кандидати за прв човек на општината и носител на советничка листа.

Првичната замисла за заеднички настап и избор на Македонец за градоначалник во споменатите општини со станува неостварлива откако двете партии покажаа несогласувања.

Во Струга СДСМ побара да биде формирана заедничка листа доколку сака ВМРО ДПМНЕ да добие поддршка за нивниот кандидат за градоначалник.

Инаку, локалната организација на СДСМ од Брвеница соопшти дека на конференција што ја одржале во средата одлучиле Мирко Јовчевски да биде кандидат за градоначалник, а советничката листа да ја преводи Мирче Аризанковски.     За општина Брвеница ВМРО ДПМНЕ веќе го имаше кандидирано Стојан Тодоровски. Од ДУИ кандидат е досегашниот градоначлник, Енвер Пајазити, додека ДПА го предложи Бејтула Касами.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Струга на локалните избори закажани за 24 март најверојатно ќе го поддржат кандидатот за градоначалник на Струга од ДПМНЕ доктор Владо Кочоски, а сосема извесно  е и дека ќе настапат и со заедничка листа на кандидати за советници.

Од двете партии засега немаат официјален став дали е постигнат ваков договор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top