Република Македонија оваа година е домаќин на неколку настани со кои се одбележува големиот јубилеј – 10 години од постоењето на Форумот на словенските култури. Работата на Форумот на словенските култури несомнено ги промовира и афирмира особеностите на словенските народи, обезбедува фреквентна комуникација на словенската и другите култури. но таа го регулира и неприкосновеното право на сопствена култура.
– Пред 10 години почнавме со реализацијата на идејата за создавање цврсти врски меѓу словенските народи и нивните култури, а денеска ги поврзуваме културните јадра на повеќе од 300 милиони словени од 13 словенски држави. Форумот на словенските култури денеска во светот се препознава како референтна глобална платформа за интеркултурен дијалог, за зачувување на културните традиции на словенските народи како трајни и универзални вредности во глобални рамки – рече на денештото свечено отворање на конфереренцијата во Македонскиот народен театар, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
Семинарите од доменот на музејската дејност кои се реализираат преку Форумот на словенските култури се база за создавање нов профил на музејска практика, соодветна на современото општество.
-Во овој контекст уверена сум дека семинарот на тема „Театарската музеологија во 21 век“, кој денеска го реализираме во новиот монументален објект на Македонскиот народен театар, во присуство на повеќе еминетни експерти и стручни лица од областа, ќе овозможи пред вас да го презентираме идејниот концепт на нашиот нов виртуелен музеј но, на денешниот семинар ќе ги размениме и нашите искуства во однос на историските реконструкции во музејот, употребата и искористувањето на новите технологии во постојаните музејски изложби, како и дигиталната содржина на музејските поставки. Денеска музеите се соочени со големиот предизвик на современата музеологија, со примената на новата технологија, која дефинира нов однос кон предметот на наследството. Развојот на музеите, односно музејската дејност се движи во чекор со развојот на општеството и со конкретните потреби на современиот човек. Музејот на денешницата треба да одговори на зголемените интелектуални потреби на граѓаните и во тој контекст развојот на музеите во иднина треба да се движи во насока на исполнување на стандардите во музеологијата, нивно осовременување и доближување до пошироката јавност како главен аргумент во развивањето на концептот за популаризација и промоција на културните вредности. Музеологијата е особено значајна област и преку неа ние мораме да го демонстрираме нашиот однос кон наследството кое го поседуваме, мораме да покажеме заедничка одговорност и соработка – истакна Канческа-Милевска.
Во работниот дел, воведно обраќање имаше проф. д-р Јелена Лужина на тема: „Театарската музеологија во 21 век“, автор на проектот „Музеј на Македонскиот народен театар“ и Андреј Тимофејев.
Во рамките на одбележувањето на 10-годишнината од постоењето на Форумот на словенските култури востановена е наградата „ЖИВА“ за најдобар словенски музеј. Вечерва ќе се отвори и изложбата „100 години театар во Скопје“, а одбележувањето на големиот јубилеј ќе се заокружи со свечен концерт на кој ќе биде претставено нематеријалното културно наследство на словенските народи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.