| четврток, 6 декември 2018 |

Ниската цена на нафтата ја уништува Русија

Русија е ранлива на големи промени на цената на нафтата бидејќи речиси една половина од рускиот буџет е финансиран од приходи од извоз на енергија. Наголемо се зборуваше дека нацрт-буџетот за 2015 година се заснова на цена од 100 долари за еден барел нафта, а моментната цена на нафтата e 86 долари, којa падна 20 проценти од јуни и има тенденции да продолжи да паѓа

Svet113-1

Светот е преплавен од нафта и од заговорнички теории за нафта. Падот на нафтата е расипана игра, создадена од Саудиска Арабија за да ги казни Русија и Иран, кои се нејзини ривали во извозот на нафта. Или, пак, се работи за заговор смислен со здружени сили од САД и од Саудиска Арабија за да ја скршат Русија. Или, пак, заговорничка теорија смислена од Саудиска Арабија за да ѝ стави крај на скапата и сè попопуларна нафта од шкрилци и нафта од нафтените полиња во Алберта. Веродостојна заговорничка теорија е и дека основите на економијата – понудата и побарувачката – ја диктираат цената.

Понудата е голема поради нафтата од шкрилци и растечкото производство во Либија, додека, пак, побарувачката опаѓа благодарение на забавената економија, зголемената енергетска ефикасност и падот на субвенции за нафта во некои земји. Крајниот резултат е дека ќе има толку победници колку и губитници, но токму губитниците, кои се извозници на нафта, треба да нè загрижат. Земјите, чијшто буџет и финансирање во голема мера зависат од нафтата, тоа го сфаќаат како опасност и запловуваат во чудни, вознемирувачки авантури.

Тоа нè води до Русија, патрија нон грата во западниот свет поради нејзината љубов кон недвижниот имот на Крим, источна Украина и местенца на планетата за кои никој и не чул, како Абхазија, де факто независна област во Грузија.

Русија е третиот по големина производител на нафта, веднаш зад САД (да, токму САД, благодарение на океанот од нафта од шкрилци) и Саудиска Арабија.

Русија е втор  по големина извозник на нафта, а пред неа е Саудиска Арабија. Не треба да сме изненадени дека нафтата е крвта на Русија, благослов за енергетски гладните Кина и Индија и клучен инструмент за домашна стабилност; колку што е повисока цената, толку се поголеми социјалните давачки и толку станува попознат Крим. При пад на цените на нафтата, Русија со причина станува гневна. Со оглед на фактот дека државната фирма „Гаспром“ е најголем светски извозник на гас и ги одредува своите цени според нафтата, цените на нафтата и на гасот или ќе ја воздигнат, или ќе ја закопаат руската економија.

Економскиот колапс на Русија во деведесеттите години на минатиот век во голема мера беше резултат на падот на цената на сурова нафта достигнувајќи 11 долари за барел во 1998 година. Русија не успеа да ги исполни своите обврски за исплата таа година, ги исцеди повеќето свои банки, а односот на државниот долг и на домашниот бруто-производ достигна 80 проценти. До ден денешен, мноштво руски и поранешни советски функционери веруваат дека САД успеале некако да ја урнат цената на нафтата за да ја осакатат Русија.

Русија беше поштедена од целосно уништување откако цените сами пораснаа до 147 долари пред финансиската криза во 2008 година. Приходите од нафтата го симнаа рускиот долг во однос на БДП на 10 проценти (сега е 11 проценти, а во еврозоната изнесува 90 проценти), што му овозможи на претседателот Владимир Путин да удри на трошење и да фрли 50 милијарди долари на Зимските олимписки игри во 2014 година во Сочи и 20 милијарди долари за реновирање на Владивосток за азиско-пацифичкиот Форум за економска соработка во 2012 година.

Русија е ранлива на големи промени на цената на нафтата бидејќи речиси една половина од рускиот буџет е финансиран од приходи од извоз на енергија. Наголемо се зборуваше дека нацрт-буџетот за 2015 година се заснова на цена од 100 долари за еден барел нафта (во говорот во Милано пред две недели, Путин рече дека буџетот се заснова на цена од 96 долари за еден барел, но не беше јасно дали зборуваше за тековната или, пак, за следната година). Обете вредности се многу поголеми од моментната цена на нафтата од 86 долари, кој падна 20 проценти од јуни и има тенденции да продолжи да паѓа бидејќи на Саудиска Арабија не ѝ паѓа на памет да го намали производството за да се одржи цената.

Да се случуваше сето ова во друг момент, на Русија немаше да ѝ биде грижа. Освен нискиот државен долг, има вграден амортизер на шок – рубљата – која е девалвирана (цените на нафтата се изразуваат во американски долари). Русија има и резерви од околу 450 милијарди долари.

Svet113-2

За несреќа на Русија, цените на нафтата паѓаат во време на санкции од САД и од ЕУ и контрасанкциите од Русија, а сето тоа им го отежнува животот на руските бизнисмени и потрошувачи. Руските компании имаат тешкотии сами да се финансираат. Забраната за извоз на технологија од Западот го „погреба“ заедничкиот потфат на францускиот „Тотал“ и рускиот „Лукоил“ за потрага по нафта од шкрилци во западен Сибир. Во обид за спас, државниот нафтен гигант „Роснефт“, жртва на ниската цена на нафтата и санкциите, месецов побара помош од 50 милијарди долари од рускиот Фонд за државно богатство. „Новатек“, приватна компанија за природен гас, го направи истиот чекор.

Рубљата паѓа, инфлацијата расте, а Путин промовира кампања за купување руски производи. Принудувањето бизнисот и потрошувачите сè почесто да купуваат скапи и помалку ефикасни локални производи, како замена за увезени производи, е целосно неплодотворно.

Воопшто не е за изненадување што прогнозите за пораст на Русија во 2015 година паднаа на еден процент, за разлика од порастот од четири проценти во периодот од 2010 година до 2012 година, а рецесијата сè уште е во игра. За да се соочи со стресот од недоволен буџет, Русија, можеби, ќе треба да го следи тажниот пример на еврозоната – намалување на трошењето, зголемување на даноците, или, пак, и двете опции. Тоа се вика сиромаштија, а сите видовме колку славна појава беше таа во Европа. Сиромаштијата значи и пониски животни стандарди, што нема да им донесе никаква популарност на кримските лидери.

Прашање е дали Путин ќе измисли негова дефанзивна заговорничка теорија да го оттргне вниманието од неговата економија, која пропаѓа, и мерките за сиромаштија. Украинската криза му го крена рејтингот во Русија. Нов геополитички потег не ќе е за чудење ако цената на нафтата продолжи да паѓа.

Извор: „Глоуб енд меил“
Превод: Марија Манасиева

 

(Текст објавен во 113. број на неделникот Република, 31.10.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top