| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе го оправдаат ли пратениците отсуството на опозицијата?

Sednica za nova vlada 02 (Custom)

Одброени ли се деновите на избраните пратеници од опозицијата и при бојкот да ги уживаат сите права, или колегите пратеници ќе им го оправдаат отсуството? Според извори на „Република“ веројатно во понеделник кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе побара од генералниот секретар извештај за присутност на сите избрани пратеници. Според Деловникот, претседателот на Собранието го известува Собранието за редовноста на пратениците на секои шест  месеца. Ваквото „пребројување“ на присутноста на шест месеци е и уставна категорија.

Според Деловникот, на барање на генералниот секретар службите би требало бараниот материјал да го достават  најдоцна за 48 часа. За пратеникот, кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и за мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да заседава најдоцна за 15 дена, во кои може да донесе предлогот за одземање на мандатот на пратеник. По овој предлог, Собранието води претрес на првата наредна седница и може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. Односно, пратениците да решат дали отсуството било оправдано или не. Бидејќи во случајот се работи за цела група, членовите и на комисијата и на парламентот би решавале за секој од нив поединечно. За секоја одлука би требало да се однесе со двотретинско мнозинство. Што значи дека и по ова пребројување постои можност за опозицијата да добие „оправдано отсуство“ од Парламентот и да се остави време за надминување на проблемите.

Евидентно е дека Вељаноски на почетокот на секоја седница не ги посочува избраниците од опозицијата, кои ја бојкотираат работата на парламентот меѓу тие што оправдано отсуствуваат. Од друга страна, Вељаноски ја одложи на неодредено време седницата на која требаше да се констатираат оставките на пратениците, со образложение дека така се остава простор за политички дијалог за надминување на проблемот. Со тоа, пред него е и можноста за продолжување на таа седница.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top