| четврток, 6 декември 2018 |

Поради лажирање на повреди, повеќе нема да се вработуваат Македонци на бродови

Најголемите компании кои ангажираа работници од регионот за работа на брод нема веќе да ангажираат работници од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, бидејќи често лажеле дека се повредиле на брод и изнудувале пари од компаниите во договор со лекари и адвокати.

Од агенцијата која врши посредување за работа на брод во Македонија „Коузон“ за Фактор.мк велат оваа одлука се однесува за 14 држави, меѓу кои е и Македонија, а истото не важи за Црна Гора, Хрватска и Словенија.

– Причината за оваа неочекувана одлука на најголемата компанија Royal Caribbean, која ангажира работници за работа на брод од регионот, се симулираните лекарски проблеми од страна на лицата кои заминуваат да работат. Ова е смислен и организиран атак врз компанијата која на овој начин губи многу пари и е принудена да го прекине договорот. Заминуваш на работа, работиш одредено време, симулираш лекарски проблем, се пожалуваш и бараш отштета од компанијата, ова е сценариото кое го симулираат одредени лица и истото ги натера надлежните од компанијата во одреден период ја запрат побарувачката за работен труд од нашата земја и регионот – велат од Коузон.

За овој случај пишуваат и српските медиуми.

– Србите кои се мрзливи и не сакаат да работат туку да дојдат до леб без мотика, се досетиле да ги тужат компаните за лажни повреди на работното место, исчашен рбет, ишијас, спондилоза. Да биде уште полошо, агенти од адвокатски канцеларии врбуваат такви луѓе за да ги тужат компаниите, да земат пари, а адвокатите да земат дебела провизија и од тоа да направат добар бизнис“, изјавил за „Блиц“, жител на Белград на кого по добивањето на датум за почеток на работа на брод, компанијата Royal Caribbean му јавила дека сепак нема да почне со работа поради промени на потребите на компанијата.

Компаниите оваа политика ја оправдуваат со „насочување кон западот“, односно вработување на луѓе од Швајцарија, Норвешка, но и Кина. Сепак компаниите кои се посредници меѓу бродските компании и кандидатите за работа, тврдат дека компаниите ја затвораат вратата за цели нации поради изнудување на пари со лажни повреди во договор со лекари и адвокати.

– Го поминав интервјуто, тренинзите, сите лекарски проверки. Кога го добив датумот за одење на брод, дадов отказ, извадив виза, ја оставив девојката која ја сакам, која сакаше да се омажи за мене. А потоа ми стигна мејл во кој ми соопштуваат дека сепак не можат да ми понудат работа поради промени на стратегијата на компанијата“, раскажува белграѓанецот кој требало да замине на брод.

Конкурсот, вадењето на документи и подготовката за на брод, кандидатите ги чини и по 1.000 евра.

Според „Фактор“, од Македонија оваа година на брод требало да заминат 30-40 лица, но поради оваа одлука истите сега ќе останат дома, додека оние кои веќе се таму и работат си остануваат и за нив оваа одлука не се однесува.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top