| четврток, 6 декември 2018 |

РК Металург: Се расветлија заткулисните игри на дел од ракометарите

Кризата во Металург, по одбивањето на ракометарите да отпатуваат во Загреб на меч од СЕХА-лигата се продлабочува, а по соопштението на играчите, со свое видување се јавија и од клубот.

Соопштението од РК Металург ви го пренесуваме во целост:

„Последните настани во РК Металург, конечно ги расветлија сите заткулисни игри што подолг период се случуваа во и околу клубот. Служејќи се со лаги, подметнувања и добро смислени конструкции, мал дел од ракометарите, поддржани однадвор, конечно се одважија да го покажат вистинското лице. Криејќи се зад минатиот труд, божемната лојалност, посветеност и „професионализам“, заведувајќи го остатокот од тимот, идејните творци на вчерашниот ,,маневар“ извршија обид за подривање на угледот на македонскиот ракометен шампион.

Металург името го градеше макотрпно под раководство на Г-дин Лино Червар кој во Скопје дојде токму со амбиција да создаде силен и успешен ракометен колектив. Врвниот светски тренер во концептот на Металург препозна можност за создавање силен професионалн тим но и создавање на млади ракометари кои веке полека излегуваат на големата сцена. Клубот се гордее со достигнувањата што беа и се под раководство на тренер кој имаа освоено се што може да се освои и е еден од малкумината во светот кој може да се пофали со постигнатото. Под негово раководство Металург освен што се посвети на создавање млади играчи, освои и 4 шампионски и 4 куп титули и стана хит во Европа со континуираното учество во завршницата на Лигата на Шампионите во последните четири сезони.

Оттаму, навредливи се наводите на ,,професионалците,, кои ги уживаат сите привилегии и комфор откако се дојдени во клубот пред многу години, дека творецот на најголемите клупски успеси е одговорен за таканаречено уништување на ракометарите. Беше нападнат долго осмислуваниот концепт на Металург, кој даде неверојатни резултати на европско ниво, а се со цел бранење на сопствените интереси. Станува очигледно дека екстремниот егоизам на поединци во тимот е единстевната причина за грубиот напад на македонското ракометно ткиво, бидејки основната идеја за концептот по кој работи клубот е создавање на млади играчи кои се прозивод на долга и макотрпна селекција што се спроведува не само во Скопје туку во повеке школи ширум Македонија. Илузорно е да се тврди дека успесите на Металург се резултат само на ангажманот на неколкумина поединци кои сакаат да си ги припишат успесите себеси. Се разбира дека нема потреба да се потсетува дека ракометот е колективен спорт во кој се вклучени голем број актери.

Несериозно е и навредливо, да се омаловажува и навредува стручњак како Лино Червар,  кој со доаѓањето во Скопје го внесе клубот во извонредно успешна и блескава ера, и воспостави врвна работа во академијата на Металург што е основна база од каде што веке се регрутираат врвни ракометари што ги бранат боите на клубот но и на македонските репрезентации. Металург нема да дозволи да се минимизира работата на клубот со младите категории чии играчи по пауза од цела една деценија овозможија формирање на национални селекции што се претставија на големи европски натпреварувања. Лидерите на бесрамниот напад врз клубот, жестоко ги навредија и приврзаниците на клубот кои 4 сезони по ред ја полнеа ,,Борис Трајковски,, Арена во огромен број и сеуште имаат желба и во иднина да ја дадат својата безрезервна поддршка. Металург во изминатите сезони постави нови стандарди во однос на посетеноста на натпреварите во Лигата на Шампионите и за тоа им изразува голема благодарност на навивачите.

 Металург веке презеде решителни мерки за справување со ,,професионалците,, испраќајќи силна порака до сите дека никогаш и под никакви услови нема да дозволи да си поигруваат со името, интегритетот и кредибилитетот на клубот што и во иднина ке остане посветен на својот зацртан план за работа и развој. Во исто време Металург ке ги искористи сите механизми пропишани во статут на клубот за бескомпромисно разрешување на настанатата ситуација, односно со покренување на дисциплински постапки против сите инволвирани во последните настани.

Металург ги уверува сите симпатизери и приврзаници дека клубот ке продолжи да работи на највиско ниво и нема намера да отстапи од поставената цел да остварува врвни резултати на домашен и меѓународен план. Клубот ке остане посветен на својата работа и ке продолжи да им подарува на навивачите блескави моменти како и досега“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top