| четврток, 6 декември 2018 |

Приведени 11 велештани што го каменуваа автобусот на „Сприја“

sprija

Вкупно единаесетмина, од кои некои малолетници, го каменувале автобусот на фирмата „Сприја“, при што беше повредена една патничка, биле приведени од струшката полиција.

МВР јави дека полициската станица во Струга поради постоење основи на сомнение за кривично дело „насилство“,  поднесе кривична пријава против А.Х.(19), Ф.М.(20), Б.Ќ.(20) , А.Ќ.(17) Ш.С.(18) В.Р.(18) Г.Т.(18) А.К.(18) Г.К.(18) Б.К.(18) и Ш.С.(18), сите од село Велешта – струшко.

Оваа група, на 4 овој месец поттикната од последните настани во Скопје, изврши каменување на автобус на компанијата „Сприја“ што сообраќал на релацијата Струга – Вевчани. Притоа, со телесни повреди се здоби една патничка од Вевчани, која по извршените лекарски интервенции во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид беше пуштена на домашно лекување.

Мотивирани од насилните случувања, инцидентите и физичките пресметки  во Скопје, единаесетчлената група околу 20 часот се сретнала во центарот на Велешта, каде што одлучиле да го нападнат и каменуваат автобусот. Потоа се упатиле кон месноста Суво Поле во непосредна близина на магистралниот пат Струга – Дебар. Тука го сочекале автобусот, по што почнале да фрлаат со камења, бекатон-плочки и со други тврди предмети оштетувајќи ги предните и страничните стакла, како и автобуската каросерија. По извршениот напад и каменување, групата се разбегала низ селото, а дел од учесниците продолжиле да се забавуваат во интернет клубовите.   Полициските службеници од Струга и Велешта за кратко време ги идентификуваа сторителите. Со нив беа извршени разговори во присуство на претставник на Центарот за социјални работи и адвокат за малолетници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top