| четврток, 6 декември 2018 |

Киев: Изборите во Доњецк и Луганск се фалсификувани и лажни

Во самопрогласените Луганска Народна Република и Доњецка Народна Република денеска започна гласање за парламентарни и претседателски избори.

Во ЛНР ќе можат да гласаат сите граѓани кои наполниле 18 години. Според предвиденото ќе бидат отворени повеќе од 100 избирачки места, од кои пет во центрите за времен престој на бегалци во Русија.

Жителите на ДНР, кои наполниле 16 години, можат да гласаат во едно од 363-те избирачки места, од кои три се наоѓаат на територија на Русија, каде ќе можат да гласаат бегалците.

– Се надевам дека нашиот глас ќе промени нешто и можеби ќе бидеме признати за вистинска, независна земја, изјави еден 65-годишен гласач.

Друг избирач истакна дека „треба да се живее неормално, а не да се стравува за семејствата при секое бомбардирање“. Фаворити за победа на изборите се досегашните проруски политички лидери на Доњецк и на Луганск, Александар Захарченко и Игор Плотницки.

Киев ги прогласи изборите за „фалсификувани и лажни“ поради самата процедура на гласање преку интернет која не е транспарентна, бидејќи нема меѓународни набљудувачи и им дозволува гласање на „војници од друга држава“.

Русија најави дека ќе ги признае резултатите од денешните избори, за кои верува дека ќе бидат демократски и слободни, а украинските власти, ЕУ, ОН, ОБСЕ и САД предупредија дека нивното одржување ќе значи грубо кршење на мировниот договор од Минск.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун предупреди дека гласањето преку интернет сериозно ќе го наруши мировниот процес во Украина и ќе го загрози мировниот протокол и меморандум од Минск.

ЕУ иако и се закани на Русија со нови санкции во случај на поддршка на изборите организирани од проруските власти во источниот дел на Украина, Москва нема да ја смени одлуката за признавање на изборните резултати.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров нагласи дека изборите во Доњецк и Луганск се „една од најважните области од договорот во Минск“, додека новата шефица на европската дипломатија Федерика Могерини го поддржа ставот на американскиот претседател Барак Обама дека „признавање на изборите ќе има само доколку тие се одржат согласно
украинските закони“.

Белата куќа ги осуди плановите на „некои украински сепаратисти“ да се одржат избори во источниот дел од земјата и ја повика Русија да го осуди „незаконското гласање“. Портпаролката на американскиот Совет за национална безбедност, Бернадет Михан најави дека САД нема да признаат било какви резултати од изборите и ги повика останатите државида го направат истото.

– САД ја предупредуваат Русија да не ги користи резултатите од гласањето како изговор за воени потези во Украина, додаде Михан.

Претседавачот со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Дидие Буркхалтер смета, исто така, дека одржувањето на овие избори е спротивно на „текстот и духот на Протоколот од Минск“ и дополнително ќе го закомплицира неговото спроведување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top