| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Заев демантира

zaev

Лидерот на опозицијата Зоран Заев се одлучи да ги демантира натписите на „Република“ дека текстот за неговиот брат кој гради катна гаража во Прилеп е причината за згаснувањето на дневниот весник „Политико“, кој живееше само до осмиот број.  „Република“ согласно законските обврски го објавува демантот зад кој потпишан стои Зоран Заев. Како и секогаш и овојпат „Република“ постапува согласно пропишаните правила и прописи. Притоа имаме забелешка на формата на демантот која ја испрати лидерот на опозицијата. Тој во демантот, во кој обвинува за навреда и клевета, си зема за право да навредува и клевети. Во истиот тој демант тој оквалификува медиуми, (покрај „Република“ ги оквалификува и сите останати медиуми кои ја пренеле информацијата) со што прави директна клевета и навреда за медиумот и новинарите кои работат за тој медиум. Согласно член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и за клевета, „Република“ има право да не го објави демантот поради тоа што истиот тој демант содржи навреда и клевета. Но, во интерес на објективното информирање и професионалното работење, „Република“ го пренесува демантот на лидерот на опозицијата:

Во целост ги демантирам наводите во текстот на „Република“ со наслов „Заев го укина весникот Политико затоа што пишувал за брат му“ превземен и од останатите владини медиуми.  Целосна лага се тврдењата дека Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, финансира некој медиум. Ниту претседателот на СДСМ ниту пак некој од раководството на партијата финансира некој медиум во Република Македонија.

Целосна измислица се тврдењата на „Република“ дека причина за згаснувањето на било кој медиум е некакво повлекување на средства од страна на Претседателот Заев.

Впрочем, СДСМ, со писмена реакција ги демантираше овие конструкции и шпекулации уште на 19-ти октомври оваа година.

Поврзувањето на Зоран Заев со финансирање или згаснување на некој медиум е целосна невистина која нанесува штета на угледот и честа.

Врз основа на погоре наведеното, согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, од „Република“ и од останатите медиуми што го пренесоа спорниот текст барам извинување и јавно повлекување на објавените невистини.

Во смисла на став 2 и 3 од истиот член очекувам јавно повлекување и извинување да биде објавено на исто место и во ист обем како и спорниот текст, најдоцна во рок од 48 часа.

Информацијата која ја објави „Република“ е информација која што е од јавен интерес и истата не е нова и непозната. Редакцијата има основана причина да поверува во вистинитоста на информацијата што ја објави. Притоа „Република“ пренесе информација поткрепена со преписката на двајца новинари, од кои едниот е ударно перо на опозицијата и тоа ниту го крие, ниту го демантира. Во таа преписка се потврди информацијата дека весникот „Политико“ е затворен по објавувањето на текстот за братот на лидерот на опозицијата Зоран Заев и дека братот на Заев гради катна гаража во Прилеп, каде градоначалникот е од владејачката партија.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top