Србија не се обидува да балансира со амбициите кон Европска унија и своите блиски врски со Русија, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ во интервју за магазинот „Бизнис њу Јуроп“ (Business New Europe).
Тој истакна дека навестил оти Србија нема да оди понатаму со изградбата на гасоводот „Јужен тек“ додека тоа прашање не се реши меѓу ЕУ и Русија.
– Јужен тек е меѓу ЕУ и Русија, ако тие се договорат за тоа, ние ќе го овозможиме тој проект. Ако не постигнат договор, ние на никого нема да му нанесеме штета, посебно не на нашите европски пријатели. Ќе направиме добар договор со Русија, но не почнавме со изградба – посочи Вучиќ.
Тој посочи дека и на рускиот претседател Владимир Путин му кажал дека стратешка цел на Србија е патот кон ЕУ.
Вучиќ изрази и надеж дека Србија ќе може да ѝ се придружи на ЕУ во 2020 година.
– Тоа не зависи од нас, но мораме да направиме сѐ, не затоа ЕУ да се смилува на нас, туку за да бидеме горд народ од една горда земја која ќе влезе во ЕУ и поради тоа што ги спроведуваме реформите – истакна Вучиќ за „Бизнис њу Јуроп“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.