Вкупно 15 пензионирани жени денеска, на празникот на жената, 8 март, ќе ги споделуваат своите животни и работни искуства со продавачите на активистичкото улично списание „Лице в лице“ во Дневниот центар на Црвениот крст на Град Скопје, уживајќи во домашните колачиња што за нив ги подготвија волонтерките што се дел од овој центар. Дружењето ќе почне во 11 часот и го организира Црвениот крст на град Скопје, во соработка со Регионалната платформа за активизам „Лице в лице“, кои заеднички дејствуваат во создавањето подобра иднина на маргинализираните групи.
– Врз основа на интересирањата на продавачите на списанието (бездомници, младинци од улица, припадници на социјалнозагрозени семејства) за кои програмата низ која поминуваат сега е отскочна штица за создавање подостоинствен живот, избравме и пензионерки, кои својот професионален живот го поминале во сегмент во кој во иднина се гледаат и продавачите. Тие што копнеат да бидат музичари, ќе се дружат со музичарки, на тие што сакаат да бидат фризери, друштво ќе им прават поранешни фризерки… Вака полесно ќе им тече муабетот, а се надеваме дека оваа практика ќе продолжи и во иднина – велат организаторите.
Пензионерките од волонтерките, во знак на благодарност, ќе добијат рози, а од продавачите пакет-списанија „Лице в лице“ од македонските изданија, а и од тие што излегуваат во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.