Слаби, изнемоштени, неизбањати деца, облечени во стара и искината облека со валкани рачиња, испукани од студ молат за пари… Велат да купат парче леб… Ова не е непозната слика за светот, не е непозната слика за Македонија. Ова е слика речиси од сите поголеми градови на Балканот. Неодамна Шучко Баковиќ, народниот правобранител за човекови права на Црна Гора, излезе со информација дека дневно над 300 деца просат на улиците низ земјата. Таа бројка значително се зголемува за време на туристичката сезона. Според истражувањата на канцеларијата на народниот правобранител во Црна Гора објавени на крајот на 2012 година, децата заработуваат меѓу 2 и 15 евра на ден на улиците. Околу 90 отсто од нив рекле дека мора да просат за храна.
Српскиот парламентарен комитет за човекови права кон крајот на јануари објави дека ќе изнесе „бела книга на питањето“, што ќе вклучува податоци за лицата кои принудуваат деца да просат, за бројот на овие деца на улиците, како и за криминалните извештаи. Според „Центарот за младинска интеграција“ во Белград, на улиците на Белград дневно просат околу 2 000 деца.
Иста е сликата и во Македонија. Детското питање е една од највидливите форми на злоупотреба на деца. Тоа е комплексен проблем што не може да се реши со единствена интервенција. Се прави обид за надминување на проблемот, но работите тешко одат. Се отворија неколку дневни центри во Скопје, каде што децата добиваат храна и сместување, при што ги мотивираат и за вклучување во образовниот процес. Во центрите има деца од 4 години до 17 години, кои овде можат да дојдат секој работен ден од 8 часот до 16 часот, да јадат, да се избањаат, да посетуваат училиште. Но, по 16 часот и за време на викендите се враќаат кај родителите, во куќите од картонски кутии и најлони. Повторно бегаат на улица. Во многу случаи родителите буквално ги изнајмуваат своите деца за да питаат.
Според податоците на Mинистерството за труд и социјална политика, има околу илјада деца на улица кои питаат, додека, според неофицијалните податоци на невладините организации, станува збор за повеќе од 2 илјади деца. Минатата година во Собранието беа изгласани промени на Кривичниот законик со кои се предвидува од една до 10-годишна казна затвор за родителите или старателите што ги злоупотребуваат своите деца и ги прекршуваат нивните права.
„Родител кој со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ќе го запушти детето или ќе го малтретира или ќе го тера на работа што не одговара на неговата возраст или од користољубие го наведува на питачење, ќе се казни со затвор од 1 до 10 години“ – предвидува Законот.
Според податоците од Детската амбасада „Меѓаши“, иако основното и средното образование се задолжителни, повеќе од 18.500 деца не се вклучени во редовниот систем на образование, а најмалку 2. 000 го живеат детството на улица. Меѓу првите три проблеми што ги посочува „Меѓаши“, а со кои се кршат правата на детето, се семејното насилство и бракоразводните постапки. За лани, незаштитени и изложени на насилство во своето семејство биле 62 деца, а 51 дете биле потенцијални жртви на прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки. Понатаму следува сомнеж за политичка злоупотреба на деца, при што се регистрирани 40 деца, потенцијални жртви. Проблем со домување имале 37 деца од вкупниот број регистрирани случаи, а девет деца биле жртви на сексуална злоупотреба или постои сомнеж за сексуална злоупотреба од страна на близок или познајник на детето-жртва.
Земјите-членки на ЕУ имаат многу различни искуства во поглед на детското питачење. Во некои земји, како што се Грција, Романија, Бугарија и Франција, вообичаена глетка се деца кои просат на улица или придружуваат возрасни кои просат. Од друга страна, во Шведска, Данска и во Австрија, ова е ретко. Најаларманта е ситуацијата во Грција, каде што УНИЦЕФ за 2013 година објавишокантен извештај – дека 686.000 деца во оваа држава живеат под прагот на сиромаштија како последица од економската криза во земјата.
„Не се сите деца што просат во иста ситуација. Некои се ангажирани токму за таа цел. Родителите и роднините или некои познаници на децата заработуваат од тоа што ги експлоатираат за просење. Други деца доаѓаат од семејства во кои екстремната сиромаштија и недостатокот на пристап до вработување значат дека децата просат за преживување на нивните семејства“, изјавил Клер Хили, истражувач во „Меѓународниот центар за развој на миграциска политика“ во Виена.
Таа во една своја изјава додава дека во ЕУ има диспропорционален фокус на спроведувањето на законот во врска со питачењето на децата. Честопати, наместо на нив да се гледа како на жртви на трговија со луѓе, тие се сметаат за малолетни престапници, особено кога просењето е придружено и со ситни кражби.
„Политиката за заштита на децата во Европа ја покриваат ситуацијата на овие деца, но спроведувањето е непотполно и честопати се забележува недостаток на финансирање и на политичка волја. Во некои места, како што се Данска, Грција и некои австриски федерални држави, како потенцијално решение се сметаат целосното забранување на питачењето, но тоа е несоодветен одговор и е во спротивност со уставните права. Сепак, јасно е дека е неопходно фокусот да се стави на основната детска заштита за овие ранливи деца, како и цел да бидат лицата што ги експлоатираат“,вели Хили.
ФОТО: Ѓ. Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.