| четврток, 6 декември 2018 |

Карпош ги објави наградените на меѓународниот конкурс за акварел

Македонската ликовна уметничка Симонида Филипова Китановска, која живее и работи во Бостон, САД, е добитничка на првата награда на меѓународниот конкурс за дела во техниката акварел на скопската општина Карпош.

Жири-комисијата, составена од професорите Данчо Ордев и Решат Амети и ликовниот уметник Тони Шулајковски, реши наградата „Теофил Тофе Шулајковски“ да и’ ја додели на Филипова-Китановска.

Покрај првата награда, во износ од 30 илјади денари, жири-комисијата реши да откупи дела од 10 автори, кои ќе бидат наградени со хонорар од 10 илјади денари.

Меѓу наградените се уметниците Анета Ивановска Симјановска, Кирил Бошков од Бугарија, Илија Кафкалески, Милан Андов, Бехард Холеман од Австрија, Илчо Симовски, Доне Милјановски, Илија Спасовски-Чендо, Томе Мишев и Росица Лазевска.

Жирито реши да им додели специјални награди на доајените на македонската уметност Владо Аврамчев и Александар Цане Јанкуловски, како учесници на годинешниов конкурс, кои живеат и творат на територија на Општина Карпош и кои дале посебен придонес во развојот на уметноста во Карпош и Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top