| четврток, 6 декември 2018 |

Фатен турски државјанин баран со потерница

полицијаДваесет и шестгодишниот турски државјанин Д.Б. баран со меѓународна потерница е фатен во близина на наплатната рампа Глумово. По него е распишана потерница од турската полиција за одлежување на казна затвор во траење од 10 години за кривично дело „недозволена трговија со дрога“.

МВР соопшти дека од страна на Секторот за меѓународна полициска соработка е потврден идентитетот и оти е започната постапка за екстрадиција.

Турскиот државјанин е фатен во возило „ауди А6“ по претходно сознание на мобилната единица за сузбивање на прекуграничен криминал дека возилото се користи за криумчарење златен накит и дрога. Со него бил неговиот татко Д.Б. за кого постојат оперативни сознанија дека користи лажен идентитет и којшто поседувал фалсификувана косовска патна исправа со лажен идентитет.

При претрес на возилото пронајдени се парични средства, а под возачкото и совозачкото седиште златен накит во тежина од околу пет килограми.

Истиот ден со обезбедени наредби за претрес, по што е извршено пребарување на две локации во стан во Гостивар, сопственост на С.Ш. каде престојувал турскиот државјанин и во стан во Скопје каде престојувал неговиот татко Д.Б. Во станот во Гостивар не е пронајдено ништо, но во станот во Скопје пронајдени се две пакувања со селотејп во кои имало златен накит од околу еден килограм (една златна плочка со натпис 250 гр. две златни нараквици, две женски ланчиња, 60 златни привезоци, 54 златни престени, 37 пара златни обетки, 15 златни ланци).

Пронајдените предмети се одземени и доставени на понатамошно вештачење до Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења.

Против двајцата ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје за сторено кривично дело „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top