| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров: Тромболична терапија за мозочен удар отсега во повеќе болници

mozok
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска најави дека во интерес на побрз третман на пациентите со мозочен удар ќе се овозможи потребната тромболитична терапија овие пациенти да ја добијат во повеќе центри низ Македонија.

Досега тромболитичната терапија се аплицираше само во рамки на Градската општа болница „8 Септември“ и Универзитетската клиника за неврологија, а од наредниот месец ќе започне нејзина примена и во рамки на трите клинички болници во Битола, Штип и Тетово, со се планира да се намали упатувањето на овие пациенти кон Скопје и да се забрза третманот на пациентите со мозочен удар.

– Единствена докажана специфична терапија за третман на акутен исхемичен мозочен удар е тромболитичната терапија аплицирана во првите 3 до 4,5 часа од почетокот на симптомите на мозочниот удар, согласно препораките од European Stroke Organization од 2008 и препораките од American Heart Association од 2011. Примената на оваа терапија овозможува разградување на тромбот и повторно воспоставување на протокот низ крвните садови. Токму затоа, особено е важно да овозможиме оваа терапија да биде што е можно подостапна за граѓаните во случај на појава на мозочен удар, истакна на денешната прес-конференција министерот Тодоров.

Согласно медицинските протоколи, прецизно се дефинирани критериумите за аплицирање на тромболитичната терапија, начинот на аплицирање и дозата која се аплицира.

Во Република Македонија, инциденцата на мозочниот удар, односно бројот на новите случаи, изнесува околу 300 на 100.000 жители, додека преваленцата, односно вкупниот број на случаи, изнесува 800 на 100. 000 жители. Морталитетот од мозочните удари во Република Мкаедонија изнесува 150 на 100.000 жители, додека годишниот леталитет од мозочните удари изнесува 30 проценти.

Според податоците од системот „МојТермин“, со дијагнозата транзиторни церебрални исхемични напади, во текот на една година вкупниот број на пациенти изнесува 9.483, а број на упати 19.143. Просечната возраст на овие пациенти е 66 години.

Најмлад пациент со мозочен удар во Република Македонија во изминатата година, за жал, било 10 месечно дете од Битола, примено на почетокот на оваа година, во месец февруари. Мозочен удар имале 268 пациенти на возраст под 40 години.

Ризик-фактори кои можат да доведат до појава на исхемичен мозочен удар се фактори на кои не може да се влијае како возраст, пол, комбинација на генетски фактори, фактори на средина… Втората група се фактори на кои може да се влијае како хипертензија, дијабет, пушење – кое го зголемува ризикот за мозочен удар за 50 проценти во сите старосни групи, високи вредности на липиди, кардиолошки пореметувања, дебелина и физичка неактивност, начин на исхрана, употреба на поголеми количини на алкохол, метаболни болести..

На можен исхемичен мозочен удар укажуваат ненадејна слабост, одземеност, отрпнатост на одредени делови на телото, говорни потешкотии, потешкотии во одот, нестабилност…

Министерот Тодоров информира дека Министерството за здравство се приклучило на глобалната кампања за подигнување на свеста и рано препознавање на мозочните удари поради примена на навремена и соодветна терапија.

– За таа цел, во соработка со Универзитетската клиника за неврологија, изработен е постер со препораки за препознавање на симптомите на мозочен удар. Постерот е базиран на препораките FAST (Face – Arm – Speech – Time), кои опфаќаат симптоми на лицето, раката и говорот, а воедно се препорачува и при појава на вакви симптоми/знаци веднаш да се повика Итна помош, бидејќи секоја минута во ваквите случаи е исклучително важна, истакна Тодоров.

Мозочните удари ги опфаќаат сите растројства на мозочната циркулација, настанати поради било каква причина. Мозочните удари по својата фреквенција се наоѓаат на првото место меѓу болестите на централниот нервен систем.

Исто така, во светски рамки, мозочниот удар e трет на листата на причинители на смртта, после кардиоваскуларните и малигните заболувања, додека во Кина и Јапонија претставува водечка причина за смртност.

Според податоците од Светската Здравствена Организација, годишно, во светот, од мозочен удар заболуваат 15 милиони луѓе. Од нив фатално завршуваат околу 6 милиони, додека 5 милиони се доживотни инвалиди.

Доктор Игор Кузмановски, директор на Универзитетската клиника за неврологија на прес-конференцијата посочи дека Македонија се приклучува на глобалната кампања за брз третман на мозочните удари, бидејќи, како што рече, тоа е единствен третман.

– Се после 4,5 часа е лекување на компликациите од мозочните удари. Мораталитеот, односно бројот на починати пациенти од мозочен удар е значителено понизок за околу една третина кај пациентите кои се третирани со тромболитична терапија, рече тој.

Доктор Сашо Стојчев, директор на Градската општа болнциа „8 Септември“ се осврна не само на лекувањето, туку и на превенцијата од појава на мозочни удари преку посочување на ризик факторите особено пушењето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top