| четврток, 6 декември 2018 |

Матиќ: Хрватска може да биде исфрлена од ЕУ заради бунтот на ветераните

hrvatska

Хрватскиот министер за семејство, ветерани и солидарност меѓу генерациите, Предраг Матиќ, за загребскиот весник „Вечерњи лист“ изјави дека Хрватска може да биде првата држава што ќе биде исфрлена од Европската унија заради масовните протести на воените ветерани.

Овој досега најголем протест на инвалидите од војната, што трае веќе шести ден и беше поддржан од илјадници ветерани во целата земја, почна со барањето за оставка на министерот Матиќ.

Тој, меѓутоа, изјави дека ќе се повлече од функцијата дури кога тоа ќе го побараат половината од вкупниот број ветерани.

Инвалидите одговорија дека ќе ноќеваат на плоштадот пред Министерството до исполнување на нивното барање.

Протестот на ветераните почна во знак на незадоволство од плановите за ограничување на нивните права и прерасна во бунт, чија кулминација беше смртта на ветеранот од војната Невенка Топалушиќ, мајка на четири деца, за време на протестот. Демонстрантите вчера организираа помен во нејзина чест.

Дел од учесниците во протестот за смртта на Топалушиќ го обвинија министерот Матиќ, заедно со премиерот Зоран Милановиќ и претседателот Иво Јосиповиќ.

Министерот за „Вечерњи лист“ изјави дека не се чувствува одговорен.

-Нема да дозволам 25 години по војната да ме обвинуваат дека сум југофил, по Вуковар, по деветте месеци во заробенички логор и 10 години работа во хрватската армија, рече Матиќ.

Претседателот Иво Јосиповиќ изјави дека  е подготвен да посредува меѓу министерството и учесниците во протестот. Тој денеска ги покани нивните претставници во претседателството, но тие ја одбија поканата и го повикаа тој да излезе на плоштадот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top