Македонската актерка Јелена Јованова со неполни 30 години зад себе има богата кариера во театар и на филм, а последната вест дека може се биде новата Бонд-девојка ја разбранува јавноста. Скромната и питома Јелена деновиве беше во Македонија, па успеавме да го реализираме интервјуто за кое одамна се договаравме. Во театарот има одиграни дваесет и пет улоги, зад себе има пет филма, а еден од нив е режисерското деби на холивудската актерка Анџелина Џоли „Во земјата на крвта и на медот“. Во продукција на „Ер-Те-Ел телевизија“ сними 140 епизоди од хрватската серија „Тајни“, каде што го толкува ликот на Марина Франиќ. Јованова е и заштитно лице на првиот македонски парфем „Актрес“ на модната дизајнерка Тања Кокев. Кариерата ѝ се одвива на територијата на поранешна Југославија. Родена е во Бања Лука, мајка ѝ е Србинка, татко ѝ Македонец, кои се запознале во Загреб. Токму таму, по многу години, Јованова го запознава актерот Стјепан Периќ, со кого е во врска и во последно време живее на релација Скопје-Загреб. Во интервју за „Република“ Јованова го најавува и следниот проект на кој работи. Станува збор за проект што ќе го режира Наташа Поплавска, а ќе се одвива на сцената на Македонскиот народен театар во копродукција со Македонската опера и балет.
Во изминатиот период Вашето име беше споменувано како едно од имињата за новата Бонд-девојка. Улогата, за жал, не ја добивте, но објаснете како воопшто се стигнува на аудиција за филм за најпознатиот агент во светот?
ЈОВАНОВА: Забава и задоволство беше да се дружам со Бонд, макар и само во два круга кастинг. Но, за жал или среќа, дружбата завршува токму таму. А до кастинг се доаѓа легално. Директорката и менаџерката за кастинг од Сараево ја почнаа приказната за мене. Стигнав до таму до каде што можев сама. За подлабоки игри треба агент во Лондон, кој сѐ уште го немам. Беше убаво и корисно искуството. Никогаш не знаеш кога некој ќе ја отвори фиоката и ќе налета на тебе.
Зад себе имате 25 театарски улоги, снимавте со Анџелина Џоли, бевте дел од хрватската хит-серија „Тајни“… Дали иднината, навистина, им припаѓа на луѓето што храбро сонуваат?
ЈОВАНОВА: Верба, љубов и работа се моето свето тројство. Ако нешто сакаш тогаш мора да се потрудиш да го достигнеш. Никој не вели дека е лесно, не велам ни јас, ниту, пак, ми е лесно и мене. Но никој не ме прашува, а и зошто би ме прашувал. Одговорни сме сами за себе. Никој нема да ти даде ако не побараш, но треба и да знаеш што точно бараш. Вербата лесно се крши и треба постојано да се негува, а кога храбро верувам и сонувам не ми е толку тешко. Кога ја имам вербата никогаш не сум сама, каде и да сум.

Дали прагот на толеранција сега Ви е повисок по напорното темпо што го имавте додека ја снимавте хрватската серија?
ЈОВАНОВА: Ако мислите на издржливоста да се снима секојдневно седум месеци по 14 часа, 17 сцени дневно на јазик што не ви е мајчин, тогаш, дефинитивно, да. Снимањето серии е најголемиот тренинг за актер и ми се чини дека сѐ е полесно по „Тајни“.
Живеете на релација Скопје – Загреб. Дали одбравте постојано место на живеење или имате нескортлива природа, па целиот свет е Ваш дом?
ЈОВАНОВА: Секое место каде што ќе продишам нормално, ќе можам да работам и ќе сум верна на себе може да биде мој дом. Концептот на номадски живот неверојатно добро се врза со мојата природа и во последните четири години живеам со куфер, често пијам кафе на аеродроми, сонувам и се будам во различни градови. Нормално, сето тоа има свој данок, но добивката за мене е непроценлива. Не знам што е следно, но се надевам дека ќе биде нешто убаво.
Дали среќата доаѓа сама или таа е една човекова судбина и ако не ја бркате, ќе биде тука, до Вас?
ЈОВАНОВА: Среќата не е готов производ, кој можеме за неколку денари да го купиме во продавница или да чекаме да ни се падне на лотарија. Ми се чини често ја бараме на погрешни места и не сме ни свесни дека многупати не ја препознаваме. Можеби не ќе е лошо ако си дадеме шанса да се изненадиме и да ја побараме во себе, сега и секогаш, без разлика како ни е и од што сме опкружени. Верувајте, ќе ве одведе таму каде што треба.
Поради ангажманите во странство, во мирување е Вашето место во МНТ. Кога ќе заиграте на сцената на новиот театар?
ЈОВАНОВА: Моето работно место во МНТ никогаш не било во мирување. Дури снимав, освен за „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, во „Сомнително лице“ и во „Госпоѓа Министерка“ ме менуваа и се уште ме менуваат моите колешки Драгана Костадиновска, Софиа Насевска – Трифуновска и Дарија Ризова, на кои сум им голем должник и вечно благодарна. А тоа што ќе дојде следно е нешто што многу ме радува. За два месеца ќе почнам со подготовки на „Чикаго“ (CHICAGO) во режија на Наташа Поплавска на сцената на Македонскиот народен театар, во копродукција со Македонската опера и балет.
А приватно што Ве исполнува најмногу?
ЈОВАНОВА: По турбулентниот период ми откажа софтверот, па во мигов здравствено се повратувам. Радост ми е секој ден кога ќе украдам време за себе и за Стјепан, за моите најблиски, кога ќе се нахранам од добар филм или книга, ќе напишам нешто што веројатно само мене ќе ми се допадне затоа што никој друг нема ни да го прочита, кога ќе помечтаам за мојот нов грамофон, кога внук ми ќе ме насмее и кога во неговата насмевка ќе се преслика суштината на животот.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: приватна архива и Дарко Мораитов
Текст објавен во 111. број на неделникот „Република“, 17.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


