| четврток, 6 декември 2018 |

11 лица уапсени за 23 напади врз пекарници на Албанци во Србија

По нападите врз 23 објекти во Србија по фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Албанија, главно пекарници, сопственост на етнички Албанци, досега се уапсени 11 лица, од кои шестмина се малолетници, соопшти денеска на седница на српскиот Парламент пратеникот на владеачката Српска напредна партија, Милован Дрецун, цитиран од Танјуг.

-Против сите приведени покренати се обвиненија за нанасување штети и за распалување расна и религиозна нетрпеливост, рече Дрецун.

Тој прецизира дека во Белград се нападнати четири албански објекти, а во Војводина останатите 19.

Натпреварот од квалификациите за Европското фудбалско првенство во 2016 година, минатиот вторник беше прекинат кога далечински управувано летало (дрон) со развиорено знаме на Голема Албанија предизвика нереди на стадионот.

Потоа следеа тепачки, размена на дипломатски ноти меѓу Албанија и Србија, судири, палење на српски знамиња на Косово и напади врз албански пекарници во Србија.

Заради појавената тензичност во односите официјалната посета на албанскиот премиер Еди Рама на Србија беше одложена од 22 октомври за 10 ноември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top