Неопходна ни е сплотеноста меѓу власта и опозицијата, меѓу Македонците и Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, меѓу христијаните, муслиманите, Евреите и атеистите, за да успееме да истраеме во нашата цел за просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска и евроатлантска Република Македонија, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва на свечената академија по повод одбележувањето на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.
-Крајот на стариот и почетокот на новиот век, како што вели, секогаш се доживувал со еуфорија. – Оние чиј век бил на залез, чувствувале страв и неизвесност од иднината. Оние, пак, кои дотогаш биле обесправени, со храброст и со оптимизам ја очекувале новата доба, додава Иванов.
По многу нешта, како што истакнува претседателот, крајот на 19 и почетокот на 20 век беше златната доба на западната цивилизација. Потсетува дека за Европа, тоа беше период на релативна социјална стабилност, мирни меѓународни односи, политички реформи и економски интеграции, со дотогаш невиден технолошки и културен напредок.
– На сево ова што го одбележа крајот на 19 и почетокот на 20 век претходеа револуциите. Револуционерните години од 1830, 1848 и 1871-та го навестија крајот на старите режими и империите на 19 век. Токму таа 1871-ва, што ја донесе Париската комуна, беше година на обединувањето на Италија и Германија. 1871-та најави слични процеси и стремежи во другите делови на Европа, рече Иванов.
Во својот говор Иванов нагласува дека ваков бил еуфоричниот амбиент во кој на 23 октомври во 1893 година, само седум години пред почетокот на новиот и надежен 20 век, шестмина Македонци се собраа на едно место. Се собраа и рекоа: тоа што го имаат другите европски народи ќе го имаме и ние – слободна и независна македонска држава.
– На тој ден, 23 октомври, во Солун ја создадоа првата семакедонска организација. Најмладиот меѓу нив е 22-годишниот учител Даме Груев. Најстариот е 32-годишниот книжар Иван Хаџи Николов. Тие, заедно со д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев го трасираа патот на организираната македонска револуционерна борба и ги дадоа нејзините основни насоки, вели Иванов.
Македонскиот претседател потсетува дека основачите на Македонската револуционерна организација беа учители и оти нивното дело го продолжија нивните ученици. – Учениците учествуваа во востанијата за ослободување на Македонија. Тие пишуваа апели и декларации до големите сили и влегуваа во отворен конфликт со оние што ја делеа и одново ја поробуваа Македонија. Тие ја водеа борбата за Македонија низ целиот 20 век. Учениците беа интелектуалната елита која, иако не секогаш единствена околу средствата, беше единствена за целта – слобода за Македонија, додава тој.
За мошне кратко време, како што истакнува, во мошне сложени внатрешни и надворешни услови, македонската организација успеа да сплоти цел еден народ, една цела земја, под едно знаме и за една револуционерна цел.
– Од семето посеано на 23 октомври 1893 година израсна стебло што дава богат плод. Но, како што вели старата мудрост, плодното дрво се каменува. Се каменува за да се обере плодот. Затоа, бевме изневерени, раскарани и поделени, подложени на терор и на насилна асимилација, нагласува македонскиот претседател.
Говорејќи за илинденската епопеја, потсети дека славната Крушевска Република беше краткотрајна и крваво задушена. – Многу Македонци, Власи, Албанци, Евреи ги дадоа животите за нашата слобода. Со нив умреа многу лични неостварени соништа, но не и сонот за слобода, рече Иванов.
Во 1910 година оваа семакедонска организација го доби дефинитивното име Внатрешна македонска револуционерна организација или ВМРО, рече претседателот и додаде дека истата таа година настана раскол. – Еден дел од организацијата отиде на лево, другиот дел на десно. Македонското револуционерно движење беше онеспособено, а Македонија и македонскиот народ беа распарчени во Балканските војни во 1912 и 1913-та.
Со почетокот на Првата светска војна македонските интелектуалци во странство го дигаат својот глас. Македонската колонија во Петроград во „Македонски глас“ од октомври 1915 година печати апел на македонските патриоти до народните пратеници на Бугарија, Србија и Грција во кој се вели „Македонија треба да биде самостојна, целосна и независна“, додаде претседателот.
Во 1924 година, патот на левото и десното крило повторно се вкрсти во ВМРО (обединета), рече Иванов и меѓу другото додаде дека крајната цел била да ја извојува слободата и независноста на Македонија, да го наложи создавањето на Балканската федерација, и да го осигури мирот на Балканот – за да го потпомогне востановувањето на мирот во цела Европа.
Основните програмски идеи на ВМРО, како што посочува, биле прифатени и од работничкото движење, либералните и народни организации на Македонците, македонските литературни и културни организации.
– Во 1935 година поголема група млади Македонци во Загреб изработија Декларација што ги следи принципите на македонската револуционерна борба. Наредната година, во Охрид, околу 200 студенти, интелектуалци и познати Македонци, ќе го организираат конгресот на Македонскиот народен покрет – МАНАПО, рече македонскиот претседател.
Конгресот, како што вели, зазема демократска, антифашистичка и македонско-патриотска ориентација. Одлуките ќе бидат ставени на тест на 11 Октомври 1941 година. Ден кога младите борци во Народноослободителната борба го продолжија маршот кон слободата што го беа започнале старите илинденци. Во првите редови е идеологот и организаторот на НОБ, Кузман Јосифовски-Питу.
– Патот до слободата што го започнаа шестмината родољуби, го изодеа и илинденците и АСНОМ-ците, и комитите и партизаните. Патот до слободата конечно го завршија македонските граѓани, на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година, нагласи Иванов.
Овој светол празник, 23 Октомври, како што посочи, ги обединува генерациите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и за слободата на нашите деца.
– Обременети со секојдневните предизвици, ние не секогаш ја сфаќаме длабочината и силата на тој стремеж да се биде свој на своето. Слободата ја сметаме како нешто што ни е подарено. И тоа е вистина. Подарена ни е, но не од туѓинци, туку од нашите предци, кои се бореа и кои се изборија за слободата што ние денес ја живееме. Тие се колнеа со заклетвата „слобода или смрт“. Многумина од нив одбраа смрт, за ние да имаме слобода. А преку нашата слобода, и тие живеат во нашиот спомен, рече македонскиот претседател.
Посочува дека никогаш нема целосно да ја знаеме цената што е платена за нашата слобода. – Таа ни е оставена да ја чуваме и да ја развиваме за неродените. Нашиот стремеж е за подобар и за подостоинствен живот, тука, во Македонија, во земјата за која се бореа предците, додаде тој.
Според Иванов, и покрај разочарувањата, останува надежта, која го движи светот. – Но, остварувањето на нашата надеж не зависи од другите, туку од нас самите. Тоа многу добро го знаеја шестемина родољуби кои ја основаа Македонската револуционерна организација, истакнува Иванов.
Република Македонија, како што нагласи, е нашето заедничко место во светот и нашиот заеднички дом. – Република Македонија е нашата заедничка мера, она што ни дава заеднички поглед на нашето минато, сегашност и иднина. Од ова место, од Република Македонија, ние мора да имаме заеднички стратегиски цели за нашата европска и евроатлантска иднина, подвлече македонскиот претседател.
На свечената академија присуствуваа претставници од Собранието на Република Македонија, од Владата на Република Македонија, од АРМ, од судската власт, од Македонската православна црква…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево


