
Американскиот Сенатор, Крис Марфи, изјавил дека заминува од Западен Балкан со јасна намера, да се заложи за поголемо американско учество во овој критичен момент за регионот. Сенаторот смета дека посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Србија, не им наштетила на односите меѓу Србија и САД.
Според Марфи Путин си отишол од Србија разочаран затоа што се надевал дека со Белград ќе потпишат договор за започнување на изградбата на гасоводот Јужен тек, што не се случило.
– Во случај Србија да продолжи со реализација на проектот “Јужен тек” спротивно од правилата и насоките дадени од Европската унија, тоа ќе има влијание врз односите со Вашингтон, рекол Марфи во интервју за Гласот на Америка.
Тој додал дека инцидентот на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија јасно ги покажал моменталните предизвици во регионот на Западен Балкан.
Сенаторот Марфи истакнал дека очекува премиерите на Србија и Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама, да се сретнат и да покажат дека еден инцидент на фудбалски хулигани не може да застане на патот на процесот на помирување во регионот.
– Ова е важен момент за двајцата лидери да покажат дека, кога ќе се случи инцидент како оној во Белград, реакцијата на политичките лидери и на обичните луѓе треба да биде дијалог за споровите да ги решат со комуникација, наместо со провокации и насилство. Затоа симболиката на средбата сега е поголема од било кога за овие две држави, оценил сенаторот.
Осврнувајќи се на односите меѓу Србија и Косово, Марфи додал дека е потребно политичките партии во Приштина што е можно поскоро да формираат влада со цел да се продолжи имплементацијата на Договорот од Брисел и нормализирање на односите со Србија.
Марфи претходно бил во Белград, каде изјавил дека Вашингтон не се противи на посетата на Владимир Путин на Белград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


