| четврток, 6 декември 2018 |

Димовски: Стоиме на располагање на сите македонски граѓани

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ започнаа директни посети по сите населени места во Македонија. Пратеничката група на владејачката партија во последните неколку недели спроведува опсежна теренска активност.

ilija

Целта на овие посети е да се задржи контактот со граѓаните, да се добијат директни и точни информации од теренот, да се разговара за проблемите и да се изнаоѓаат решенија.

Дваесет тима составени од пратеници имаа план за посета на 408 села, односно населени места во државата.

– Денес со мене, се присутни носителите на тимовите кои секој викенд се присутни низ различни населени места во регионот и изборната единица од која се избрани. Оваа активност веќе се спроведува бидејќи пратеничките тимови веќе завршија со посета на 252 населени места – изјави координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Тој истакна дека пратениците на владејачката партија нема намера својата работа да ја работат далеку од очите на граѓаните и со ова се обидуваат да воведат нови стандарди во извршувањето на функцијата пратеник во Македонија.

– Пратениците на нашата група без да прават разлика дали се наоѓаме во предизборен период или не, ќе стојат на располагање на граѓаните за било какви предлози, сугестии, идеи, забелешки и критики – рече Димовски  и дададе дека средбите се без исклучок за сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка  или религиска припадност.

На средбите се разговара за секоја тема која ги интересира луѓето, а сите прашања кои се во надлежност на Собранието ќе бидат опсежно разгледани и процесуирани во форма на пратенички прашања и најголем дел од пратеничките прашања кои ќе бидат поставени на седницата најавена за таа цел ќе бидат токму врз база на информациите добиени од терен и граѓаните.

– За сите прашања кои не се во надлежност на Собранието се грижиме да бидат информирани надлежните државни и локални органи – рече Димовски.

Посетите на населните места пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги прават за време на викендите, а функционираат и пратеничките канцеларии во кои се одржуваат средби во петок. Димовски нагласи дека тие за разлика од опозицијата ја прифаќаат одговорноста за правилно функционирање на Собранието.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top