| четврток, 6 декември 2018 |

Стресот сè поприсутен на работното место

 stress1

Стресот е еден од клучните фактори кои негативно влијаат врз здравјето на работниците. Неодамнешното истражување на Македонското здружение за заштита при работа покажува дека околу 80 проценти од анкетираните го посочиле стресот како првото нешто што би го елиминирале во работата.

Од Македонското здружение за заштита при работа велат дека генерално сите професии се стресни и оти за надминување на оваа појава е потребно да постои добра комуникација меѓу вработените и работодавачот.

– Секоја професија во Македонија е стресна самата по себе. Штом 80 проценти од активно работоспособното население дефинира дека стресот е првото нешто што би го елиминирале како непосредна штетност, тогаш генерално чувството на стресност во Македонија е присутно, изјави претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски пред денешната дебата за стресот на работното место.

Експертите предупредуваат дека стресот не само што негативно ќе се одрази врз здравјето на вработениот, туку ќе му предизвика и дополнителни трошоци на работодавецот, кој ќе треба да му плаќа боледување на отсутниот работник и да ангажира друго лице на местото на отсутниот работник.

– Едно истражување направено во Велика Британија покажува дека трошоците поврзани со несреќа која го одалечува работникот од работното место во период од три месеци чини околу 50 илјади фунти. Нашето истражување направено по истата методологија покажува дека трошцоте би биле околу 120 илјади денари, истакна Петковски.

Со денешната дебата како централен настан, Македонското здружение за заштита при работа ја одбележува Европската недела за безбедност и здравје при работа.

Стресот на работното место е појава која е сè поприсутна во Европа. Според направените анализи, 51 процент од работниците во Европа сметаат дека стресот поврзан со работата е вообичаен на нивното работно место, а 4 од 10 работници мислат дека нивната компанија не се справува успешно со оваа појава. Проценките се дека трошоците поврзани со нарушувањето на менталното здравје на работниците изнесуваат 240 милијарди евра годишно.

Европската недела за безбедност и здравје при работа е настан на Европската агенција за безбедност и здравје при работа и се одбележува во сите земји членки и државите кандидати на Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top