Директорот на француската нафтена компанија „Тотал“, Кристоф де Маржери, ноќеска загина во авионска несреќа на аеродромот „Внуково“ во Москва, од каде што се враќал по средба со високи руски државни претставници, јавија француските медиуми.
Авионот при полетувањето се судрил со возило за чистење снег, при што загинале сите четворица патници во авионот вклучувајќи ги и тројцата членови на екипажот, објави во соопштение компанијата „Тотал“ потврдувајќи ја смртта на својот директор.
Возачот на машината за чистење на снегот останал неповреден, посочија руските медиуми, и покрај првичните информации дека и тој загинал во несреќата.
Причината за судирот и зошто машината за чистење снег се нашла на пистата за полетување и слетување допрва ќе треба да ги утврдува истрагата и специјална комисија.
Извор на ТАСС претходно информира дека причина за хаваријата веројатно е лошата видливост.
Директорот на руската Федерална агенција за цивилно воздухопловство, Александар Нерадко, изјави дека има неколку фактори со кои може да се објасни несреќата – лошите метеоролошки услови, вклучувајќи ја и снежната покривка, маглата и врнежите.
– Властите, меѓутоа, не го исклучуваат и човечкиот фактор – дополни Нерадко.
Управата на аеродромот тврди дека во моментот на несреќата видливоста на пистата била 350 метри.
Рускиот весник „Ведомости“ објави дека Маржери сакал да патува од Москва за Париз по средбата со рускиот премиер Дмитриј Медведев, посветена на странските инвестиции во Русија, која е под санкции од Западот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.