Времето денеска нема нешто особено да се разликува од вчера. Претпладне повторно во котлините во источниот дел од земјата и Повардарие се очекуваат услови за појава на слаба магла, а потоа денот ќе продолжи со претежно ведро време.
Утрото ќе биде свежо. Минималната температура во поголем дел од земјава ќе има вредност 8 Целзиусови степени.
Максималната температура ќе достигне вредност 23 Целзиусови степени во северната половина на земјата и во југозападниот регион. Југоисточниот регион очекува максимална температура до 26 Целзиусови степени.
Среда почнува со мала до умерена облачност претпладне. Попладне и вечер ни следува поголема промена на времето. Краткотраен бран на врнежи ќе ја зафати земјава, проследен со умерен северен ветер и позначителен пад на температурата од вечерта кон четврток. Попладне, локално, не се исклучува можноста од појава на грмежи.
Утрото ќе биде само малку потопло во однос на вторник.
Максималната температура во текот на денот ќе остане релативно висока и ќе достигне вредност 20 Целзиусови степени во северната половина на земјата, а во југозападниот регион до 21 Целзиусов степен. Југоисточниот регион очекува максимална температура до 23 Целзиусови степени.
Во текот на ноќта кон четврток, заради продорот на многу студена воздушна маса од север, на планините на надморска височина од 1.500 метри се очекува снег, па не е исклучено формирање мала снежна покривка.
Четвртокот ќе помине во претежно облачно време со повремен слаб дожд низ поголем дел од земјава. На планините, пред сè во северната половина од земјава, но и на високите врвови на југ, ќе паѓа слаб повремен снег.
Утрото ќе биде студено, а минималната температура на повисоките места ќе се спушти до 0 Целзиусови степени. Низ котлините минималната ќе се спушти до 5 Целзиусови степени.
Максималната температура ќе достигне вредност 13 Целзиусови степени во северната половина на земјата. Во југозападниот регион максималната ќе се искачи до 12 Целзиусови степени , а до максимални 15 Целзиусови степени на југоисток.
Во петок малку пооблачно време ќе има во источниот крај, каде што ќе има услови за сосема слаб дожд, а на Осогово слаб снег. Сепак, генерално ќе има тенденција на намалување на облачноста во текот на денот.
Утрото ќе биде студено, слично на тоа од четврток. Преку ден максималната температура ќе биде слична на четврток, освен на југозапад каде ќе биде сосема малку потопло во однос на претходниот ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


