Сите 703 патници, кои по сувоземен пат се враќаат од аџилак во Саудиска Арабија, пристигнаа во државата преку граничниот премин Деве Баир и меѓу нив нема ниту еден сомнителен случај на евентуално заболување од ебола, маларија, колера и други заразни болести, карактеристични за подрачјата во кои престојувале, соопшти Центарот за јавно здравје од Куманово.
– Акцијата на предвидените епидемиолоши и други контроли е успешно спроведена според сите заклучоци и препораки од Комисијата за јавно здравје – изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Куманово.
Во изминатите 10 дена, екипи на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и на Центарот за јавно здравје дежураа 24-часа на граничниот премин Деве Баир, кој беше одреден како премин преку кој по сувоземен пат единствено можеа да се враќаат аџиите од Саудиска Арабија.
Во следниот период аџиите редовно ќе треба да се јавуваат во матичните центри за јавно здравје, каде ќе подлежат на задолжителен 21-дневен здравствен надзор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.