Филмскиот продуцент Роберт Насков во филмската дејност е повеќе од 20 години и припаѓа на првата генерација филмски продуценти што завршија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Филмовите „Збогум на 20 век“, „Бал-кан-кан“, „Трето полувреме“, „Балканот не е мртов“ се дел од неговата професионална биографија. Кон крајот на месецов почнува снимањето на „Ослободувањето на Скопје“, чијшто режисер е Раде Шербеџија. Насков е и претседател на Друштвото на филмски професионалци на Македонија (ДФПМ).
Кога почнувате со снимање на „Ослободувањето на Скопје“? Подготовките се при крај, локациите се одбрани, екипата е веќе позната. Какви се Вашите очекувања од овој филм?
НАСКОВ: Снимањето на „Ослободувањето на Скопје“ почнува на 31 октомври. Почнуваме со една голема, масовна сцена во Велес, потоа се селиме во Битола, а завршуваме во Скопје. Очекувам дека филмот ќе биде привлечен за публиката, но и за фестивалите. Мислам дека овој филм има потенцијал бидејќи обработува универзална тема. Тоа му овозможува да биде добро примен и од публиката и од критиката. Се надевам дека ќе успееме да го завршиме в година и ќе го видиме на фестивалот „Браќа Манаки“.
На „Браќа Манаки“ го најавивте и почетокот на снимањето на филмот „Аферата за мис Стон“, чијшто режисер ќе биде Дарко Митревски. Ќе биде ли напорно да се работат два филма, иако Вие веќе имате такво искуство со „Трето полувреме“ и со „Балканот не е мртов“, кога паралелно се работеа двата филма?
НАСКОВ: Јас си ветив дека веќе нема да работам два филма паралелно, но, очигледно, не можам да избегам од тоа. Веднаш по завршувањето на снимањето и на постпродукцијата на „Ослободувањето на Скопје“, продолжувам со подготовките за „ Aферата Мис Стон“, кој се надевам дека ќе го снимаме следното лето. Се работи за историски филм. Некако „заглавив“ со тие историски теми, а лично не сум пасиониран љубител на историјата. Но, историските филмови се голем предизвик за мене. Тие се многу тешки за секоја продукција, бараат многу повеќе од тие што обработуваат современи теми. Се надевам дека со Дарко Митревски ќе направиме уште еден успешен филм, кој публиката ќе го сака, ќе биде убав за гледање и мислам дека за мене ќе биде еден вид докторска дисертација.
Што значи денес да си филмски продуцент во Македонија?
НАСКОВ: Да си филмски продуцент во Македонија значи да си тежок мазохист, Дон Кихот, постојано да се бориш со ветерници, со замислени противници. Навистина треба да си магионичар бидејќи не постојат основни услови за функционирање на филмската дејност. Нема инфраструктура, нема логистика, не постојат филмски студија, нема техника, но љубовта кон професијата ги надвладува сите тие проблеми. Сите што се занимаваат со филм во Македонија се сериозни зависници и тешко можат да се откажат од тоа и покрај сите проблеми што ги имаме во текот на снимањето. На крајот, по секој завршен филм, сето тоа се заборава и задоволството е големо кога гледате како тоа што сте го работеле со години луѓето го гледаат на филмското платно и уживаат.
Вие сте и претседател на ДФПМ. Како би ја оцениле актуелната состојба во филмската дејност во Македонија?
НАСКОВ: Состојбата во филмската дејност во Македонија е лоша. Како никогаш досега се одвојуваат финансиски средства за филм, но тие се апсолутно лошо менаџирани. Освен тоа, нема стратегија за развој на филмската дејност. Успесите, ако се појават, се апсолутна случајност. Не треба да се очекува премногу од македонскиот филм во овој период. Многу се импровизира во филмската дејност кај нас, така што сите успеси што постојат се голем плус. Не треба да се очекува дека македонскиот филм е интересен за другиот дел од светот. Ние сме апсолутно небитни како филмска нација. Не треба да се очекува дека секој филм што ќе се испрати надвор ќе има успех, ќе добие награда на голем фестивал или номинација за „Оскар“. Преголеми се очекувањата во однос на тоа каква е состојбата во филмот.
Како го оценувате новиот Закон за филмската дејност во Македонија?
НАСКОВ: Законот за филмската дејност не е добар. Уште не почнал да функционира, а си ги покажува своите маани. Многу е ригиден, рестриктивен кон продуцентите и мислам дека многу брзо ќе дојде до негово ревидирање за да може филмската дејност да „дише“ и да функционира на тој начин на кој ќе им се дозволи на продуцентите да работат активно и да ги овозможат најдобрите услови за режисерот и авторите да направат добар филм. Не е тајна дека Законот е направен поради лошото искуство од одредени проекти. Но, ние не можеме да се раководиме по тоа и со новиот закон да ја задушиме филмската дејност. Треба да се направат подобри услови, да биде поотворен и да им се овозможи на продуцентите да ја работат својата работа. Вака се ставени во позиција да бидат контролирани бидејќи однапред се тргнува со мислењето дека тие прават некои нелегални дела. Напротив, тоа не е така. Јас сум за контрола, но не на таков начин. Мислам дека многу скоро ќе треба да се смени Законот. На крајот на краиштата, Законот е нешто што ни овозможува на нас продуцентите, на Филмскиот фонд и на сите што се вклучени во филмската дејност да создадеме подобри услови за да се снимаат подобри македонски филмови. Законот уредува критериуми и сите што вистински се занимаваат со оваа дејност сакаат да постојат. Јас сакам да има правила на игра бидејќи тие што залутале во оваа професија ќе отпаднат и ќе останат тие што вистински сакаат да се занимаваат со оваа работа. Се надевам дека ќе имаме поддршка за измените што ги предлагаме и дека ќе направиме еден закон што ќе биде по мера на сите.
Дали допрва доаѓа „златното време“ на македонскиот филм?
НАСКОВ: Јас не сум оптимист дека доаѓа „златно време“ на македонскиот филм. Напротив, треба да се исполнат многу предиспозиции за ние да разговараме дека филмската дејност ќе функционира нормално. Јас не се амнестирам од лошата состојба во македонскиот филм. Ние сме виновни што не се собравме да направиме заедничка стратегија, да видиме што му треба на македонскиот филм. Не се слуша зборот на македонските филмски професионалци, немаме добра комуникација со Филмскиот фонд, што е катастрофално лошо. ДФПМ и Филмскиот фонд мора да бидеме партнери и треба да бидеме заедно и само на тој начин може да направиме добри филмови.
„Кино око“ е продуцент и на филмот „Шишка де лукс“, кој е словенечко-чешка-македонска продукција. Кога може да ја очекуваме премиерата и на тој филм?
НАСКОВ: Филмот е во фаза на постпродукција и очекувам дека ќе биде готов при крајот на пролетта и дека ќе има премиера на некој од големите А-фестивали на крајот од летото.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 110. број на неделникот „Република“, 10.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


