Пратеничката Љубица Буралиева е една од двете пратенички од редовите на СДСМ што не ја почитуваше одлуката на раководството за бојкот на Собранието. Поради тој гест беше избркана од партијата како најголем предавник, а беше изложена и на сериозни критики и навреди во јавноста од приврзаниците на партискиот врв на СДСМ. Четири месеци по влегувањето во Собранието, Буралиева не се само што не се кае за одлуката, туку напротив, тврди дека добива сѐ поголема поддршка од нејзините колеги од поранешната партија за спротивставувањето на недемократското однесување во своите редови.
Неколку месеци откако покажавте личен отпор кон одлуката на партијата да ја бојкотира работата на Собранието, како го оценувате Вашиот потег? Сѐ уште сметате дека направивте вистински потег или веќе се покајавте за одлуката?
БУРАЛИЕВА: Мојот личен отпор е мој стил на реагирање кон сето тоа што не сметам дека води до определена предвидена цел. Целта на опозицијата беа промени на лошата политика што ја води актуелнава политичка структура. Тоа беше мотив за моето прифаќање на политичкиот ангажман, на кандидатурата за пратеник. Мислев, конечно, ќе можам да го ослободам зборот што како на новинар ми беше заробен во последните години, за да проговорам за социјалната беда што го снајде голем дел од граѓанството, за сиромаштијата на духот што завладеа, за стеснувањето на крвните садови за вистинските вредности….политиката не ја сфатив како забава, ја сфатив како сериозна борба од која зависи и мојот живот, животот на моите, на вашите, на нашите деца во оваа земја. Едноставно, не прифатив поинакви политички игри и калкулации. Не станува збор за отпор кон одлуката на партијата за невлегување во Собранието, туку за формата, конечно и за неговото партиско или опозициско димензионирање. Впрочем, на кандидатските листи не беа бројки, туку имиња, и секој одговара за своите постапки. Да препознаев искрен бојкот, сигурно ќе бев на таа страна. И сега не гледам кој е концептот на бојкотот.
Кога дознавте за одлуката на Заев да се бојкотираат резултатите?
БУРАЛИЕВА: Тогаш кога дознаа сите, веднаш по затворањето на гласачките места, пред да се објават резултатите. Претседателот Заев во тој момент ја доби и мојата поддршка, но отпосле разбрав кога е донесена одлуката. Тогаш се соочив со илјада и едно прашање, чиишто одговори ми ја уриваа сопствената рамнотежа во барањето минимум искреност на патот кон промените. Во политиката, велат, нема чувства ниту искреност, па ако е така, донесов лична одлука да одам по течението и да покажам дека без искреност кон самиот себе не можете да бидете искрени ниту кон целта заради која сте влегле во политичките брзи води.
Поради Вашиот став бевте исклучена од партијата заедно со Вашата колешка Солза Грчева. Пред и потоа бевте изложени на силни критики, навреди, напади од вашите довчерашни сопартијци… можеби и закани… Како е денес? Вашите колеги сѐ уште Ве избегнуваат или почнуваат да го разбираат Вашиот потег?
БУРАЛИЕВА: Разбирливи ми се реакциите на дел од членството и на многумина што во опозицијата, едноставно, гледаат спасител од состојбиве. Но, има и поинакви размислувања, поддршката е сѐ поголема за храброста да се спротивставите на недемократскиот однос во своите редови. И јас реагирав во многу ситуации кога „големи“ политичари ја издаваа СДСМ, па се враќаа, па шетаа десно, лево, горе, долу, а сега ми држат политички лекции. Но, станува збор за различни политички моменти. Во конкретниот политички миг нашата процена беше „да се биде“ народен пратеник во Собранието. Секој личен чекор значи и одговорност пред другите и пред себе. Партиската одлука е, пред сѐ, одговорност на раководството и доколку не бев исклучена, ќе побарав одговорност од тие што ме ставија на листа на „безгласни пратеници“. Низ процесот на предизборието, и потоа, со повеќето колеги пратеници комунициравме, со некои се познававме и пред тоа… и останавме луѓе, секој со свој ум и свои ставови за натамошно доаѓање до заедничката цел, до европска Македонија, кога и да е.
Зошто решивте да му завртите грб на раководството на партијата? Поради Вашиот личен интерес, како што ве обвинуваа, затоа што сметавте дека бевте изиграна, или поради нешто трето?
БУРАЛИЕВА: Не, јас не му свртев грб на раководството на партијата. Се случи обратното. Ако желбата да се изборите за слободата на говорот и на мислата (што ми беше одземен во јавниот сервис каде што работев и имав солидна плата во услови кога има тешка безработица) се смета за личен интерес, тогаш ги прифаќам обвинувањата.
Има ли опозицијата капацитет и идеја за излезе од оваа криза?
БУРАЛИЕВА: Сега веќе размислувам многу лично, како самостоен пратеник, кој верува и посакува опозицијата допрва да ги покаже своите сили и искристализираните идеи со кои ќе ги окуражи граѓаните на оваа земја да истраат поминувајќи низ овој казнено-поправен систем. Имено, го очекувам моментот кога опозицијата ќе го покаже практичниот израз на својата решителност да се соочи со полициско-бирократската диктатура.
Љубчо Георгиевски даде своја процена дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владее уште осум години. Го делите ли неговото мислење или сметате дека промената на власта може да се случи многу побрзо?
БУРАЛИЕВА: Промената на власта, едноставно, мора да се случи побрзо. Убедена сум дека ќе се случи пред Георгиевски да ја почне градбата на хотелот во стилот на барок.
Како го оценувате потегот на највисокиот партиски врв на СДСМ да организира елитна забава во новиот објект на стариот театар?
БУРАЛИЕВА: Не сакам да коментирам веќе за таа комедија во еден театар во кој, како дипломиран актер и како човек што по силата на професијата го следел театарот во Македонија, ниту сум влегла ниту имам желба да влезам. Ја очекувам вистинската драмска уметност да се случи на отворена сцена, пред судските порти, со македонската драма „Кежаровски“. Го очекувам во првите редови највисокото раководство на опозицијата.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Љубица Буралиева е објавено во 110. број на неделникот Република, 10.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст