Кошаркарската Евролига почна со единствениот натпревар во средата меѓу шпанскиот тим Лаборал Куча и Нептунас, во кој убедлива победа извојуваа домаќините со 88-69.
Европскиот шампион Макаби Тел Авив одбраната на титулата ја почна на свој паркет против францускиот претставник Лимож, кој се враќа на европската сцена по неколкугодишна апстиненција. Доминацијата на Макаби на домашен терен продолжува со победата синоќа од 92-76 иако гостите покажаа дека ќе водат голема битка оваа сезона за место кое води во разигрувањето.
Црвена звезда втора година по ред игра во Евролигата. Минатата сезона за малку им избега пласманот во следната рунда, но оваа година се решени да ја поминат првата група и да се пласираат натаму. Направија големи измени во тимот и ангажираа неколку млади играчи кои летово се закитија со сребрен медал на Светското првенство во кошарка со репрезентацијата на Србија. Направија и вистински потег со доведување на искусниот плејмејкер Вилијамс, кој има долгогодишно искуство во европските купови. Синоќешниот противник Галатасарај не беше достоен противник и, освен отпорот кој го пружија во првата четвртина, во останатиот дел од натпреварот беа бледа сенка на тимот што минатата година ја водеше една од главните улоги во Европа. Играчите на тренерот Радониќ во еден момент од натпреварот имаа и високи 22 коша предност, за на крај да се отпуштат и да им дозволат на гостите од Истанбул да дојдат до подносливи осум коша разлика (76-68).
Во останатите натпревари, Анадолу Ефес, кој оваа година се надева на место во завршниот турнир бидејќи се ангажирани неколку проверени кошаркарски имиња од Европа и еден од најтрофејните тренери Дишан Дуда Ивковиќ, го совлада тимот на Уникс Казан со 82-76.
Во останатите натпревари, Олимпијакос забележи вредна победа во Валенсија со три коша разлика (68-71).
Цедевита од Загреб не можеше да направи ништо на свој терен против шпанскиот тим Уникаха и загуби со високи 15 коша разлика (63-78).
Вечерва се играат и останатите шест натпревари.
Нижњи Новгород – Сасари, Реал Мадрид – Жалгирис, Алба Берлин – ЦСКА Москва, Панатенаикос – Туров Згорзелец, Фенербахче – Армани Милано, Барселона – Баерн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




