
Албанскиот премиер Еди Рама денеска за канал „Франс 24“ изјави дека неговиот брат не учествувал во инцидентот со дронот на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија и дека приказните за тоа се „смешни“, порачувајќи истовремено дека Тирана е определена за дијалог со сите народи во регионот и дека не е потребно враќање назад.
Зборувајќи за настаните од натпреварот, Рама рече дека станува збор за „очајнички обид овој инцидент да им се припише на Албанците, што е штета, бидејќи натпреварот се претворил во арена на неприфатливо расиститичко и етничко насилство“.
На прашањето дали ќе замине на планираната „историска“ посета на Србија, на 22 октомври, Рама не даде прецизен одговор, туку наведе дека му е „жал за се што се случи на стадионот“.
Тој додаде дека му е жал што „српската Влада, место да го осуди насилството и да се дистанцира од оваа претстава која е неприфатлива за Европа, ја следи реториката на навивачите и луѓето кои ја уништија сликата за фудбалот и сликата за својата земја“.
– Ние донесовме поинаква одлука: решивме да се однесуваме како Европејци, да не одговараме на националистичката и бруталната реторика, да го продолжиме нашиот пат кон иднината, со залагање за мир и соработка, како и дијалог со сите народи во регионот – порача албанскиот премиер.
Тој додаде дека е неприфатливо „да се враќаме назад“ и дека е смешно да влегуваме во „идиотски расправи“ за летала што ја извалкале честа на една земја.
Смешно е, оцени Рама, што цел свет се возбуди поради едно албанско знаме кое летеше над стадионот во момент кога наоколу имаше илјадници српски знамиња, таму каде и немаше албански навијачи бидејќи сакавме да избегнеме да се загрози текот на натпреварот.
– Мојот брат беше таму со уште 50-тина Албанци, со претставници на Фудбалскиот сојуз на Албанија, новинари и други луѓе кои ја следеа репрезентацијата. Тие биле претресени на влезот и немало никави шанси да внесат дрон и да го активираат – објасни Рама.
Според него, во Европа е вообичаено директно „да се осудат сите расистички испади, а во Белград цел стадион извикуваше смрт за Албанците“
Се очекува албанскиот премиер следната недела да замине во официјална посета на Белград, без разлика на инцидентите предизвикани во текот на натпреварот Србија-Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


