Инфраструктурна поддршка, поддршка за земјоделците, санација на живеалиштата. Ова се новите пакет-мерки на Владата на Република Македонија за помош на населението кое беше поплавено во Источна Македонија.
Живеалиштата кои се загрозени или целосно уништени од поплавите ќе бидат санирани и ќе бидат категоризирани во четири групи согласно претрпените оштетувања од што ќе зависи висината на поддршката и помошта.
Прва категорија се објекти кои немаат видливи конструктивни оштетувања, освен влагата и оштетувања на мебел и покуќнина, а во кои по нивното чистење и дезинфицирање непречено би можело да се живее.
Втора категорија се објекти кои немаат видливи оштетувања на конструктивните елементи, но за кои се потребни дополнителни санациски мерки и занатски работи како промена на под, врати, внатрешно санирање на просториите, санитарниот јазол… Трета категорија се објекти кои имаат делумно оштетени конструктивни елементи кои треба да бидат санирани со доѕидување, бетонирање…, а им се потребни и пообемни занатски работи кои би требало да бидат завршени не подолго од 10 до 30 дена.
Четврта категорија се објекти кои имаат делумно или целосно оштетени конструкциски елементи за кои се потребни поголеми санациски мерки и пообемни занаетчиски работи кои треба да бидат завршени за не повеќе од 30 дена. На лицата за чии објекти ќе биде заклучено дека не може да бидат санирани ќе биде обезбедено долготрајно сместување по критериум на лица во социјален ризик.
Тие објекти,ќе бидат срушени, и ќе им бидат изградени нови. Објектите би можеле да бидат изградени како монтажни. Новите живеалишта треба да бидат изградени за период не подолг од 12 месеци.
На седницата, Владата донела и одлука да биде исплатена оштета за уништените земјоделски површини.
На владината седница, како што информира, е формиран и специјален тим кој ќе го предводи вицепремиерот Владимир Пешевски, а ќе треба да изготви извештај за вкупните инфраструктурни оштетувања и предлог-мерки за нивна санација. По завршувањето на извештајот, рече тој, ќе бидат определни и обемот на поддршката и помошта за општините во кои има вакви инфраструктурни оштетувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.