
Во Бугарија е пронајден уште еден гроб во која е погребана личност за која се верувало дека е вампир. Овој вампирски гроб го открил професорот и археолог Николаи Овчаров, познат како Бугарскиот Индијана Џонс. Овчаров копал кај рушевините Перперикон, древен град кој се наоѓа на југот на денешна Бугарија, близу границата со Грција.
Тој со ископувањата на градот за кој смета дека е стар околу 8.000 години, започнал во 2000 година. На тие ископини се најдени остатоци од прастари утврдувања, храмови, гробници на владетели но и многу други гробови. Тој во четвртокот објави дека пронашол одлично сочуван скелет на човек со колец во градниот кош, кој живеел во средниот век.
„Ова е уште еден пример за изведен анти-вампирски ритуал”, изјави Овчаров.
Тој објаснил дека металниот колец е пробиен низ телото се со цел да се спречи лошиот човек да стане од мртвите и да тргне во напад на живите.
„Тоа често им се правело на луѓето кои умреле во необични околности – како што е самоубиството“, изјави археологот.
Пронајдениот скелет му припаѓал на човек на возраст помеѓу 40 и 50 години, кој најверојатно живеел во 13-тиот век. Освен што имал тежок колец во градите, погребаниот човек имал и отсечена лева нога под коленото која била поставена покрај телото.
Овчаров и неговиот тим пронашле и гробница со остатоци од жена и дете, подредени така што наликуваат на приказ на Богородица и малиот Исус. Овчаров е заслужен за голем број откритија на бугарското тло, а објавил и 18 книги и повеќе од 250 статии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.







