Џихадистите на Исламската држава ја објавија четвртата пропагандна видеоснимка, на која британскиот новинар Џон Кентли под присила ја изговара пораката на екстремистите. Во видеото кое трае шест минути и 53 секунди, кое на интернет го постави екстремистичкото движење Ал Фуркан, поврзано со Исламската држава, Кентли, кој е заробен речиси две години, вели дека Исламската држава е „загрижена за борбата“.
Облечен во портокалов комбинeзoн, Кентли (43) предупредува дека тоа значи оти секој што се надева на фина и суптилна хируршка интервенција, без валкање на рацете, ќе биде ужасно изненаден кога таа ќе биде изведена.
Новинарот и фоторепортер, кој работел за повеќе медиуми вклучувајќи го и „Сандеј тајмс”, додаде дека видеоснимките со отсекување глави кои ги објави Исламската држава во секој случај покажуваат победа на таа милитантна група.
– Ако тие погубувања предизвикаат јавна побуна или промена на политиката, тоа е голема победа. А, ако само ги поттикнуваат нашите влади да фрлаат уште повеќе бомби и да трошат уште повеќе милиони долари, правејќи ги нашите земји сѐ послаби, тоа исто така е победа – вели Кентли на снимката.
Според „Гардијан“, ова би можело да значи дека „борците на Исламската држава од странство може да се вратат во своите земји и во нив да напаѓаат“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


